Во демонстрациското поле во Долно Лисиче ќе се применат дигитални технологии во земјоделското производство – сензори, беспилотни летала и системи за прецизно наводнување за собирање на податоци за понатамошна примена на агротехнички практики што ќе придонесат за садење на земјоделски култури кои ќе бидат отпорни на климатските промени. Проектот се реализира со поддршка на германската влада и во соработка со домашни институции. Тој претставува пример за меѓународно партнерство во справување со климатските предизвици

Во услови кога климатските промени удираат силно врз земјоделското производство, се засилуваат напорите преку примена на научни и технолошки решенија во иднина да се обезбеди стабилно домашно производство на храна. Во таа насока, во Долно Лисиче е отворено демонстрациско поле за тестирање методи за адаптација кон климатските промени во земјоделството, на кое ќе се испитуваат современи практики и технологии за поотпорно и поефикасно производство.
На дел од површините е подигнат опитен насад со слива од сортата „Стенли“, додека на други се одгледуваат сточен грашок, сирак и пченка, со цел да се тестираат различни агротехнички практики и да се види како реагираат културите во променливи климатски услови.
Експерименталното поле е воспоставено со поддршка на германската влада во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна и ќе претставува демонстрациска локација, каде што студенти, земјоделци, истражувачи и стручни лица ќе можат директно да ги следат ефектите од новите технологии во реални услови.
За ресорниот министер, Цветан Трипуновски, развојот на паметно и одржливо земјоделство, базирано на знаење, иновации и дигитални технологии, претставува клучен правец во понатамошниот развој на секторот, а новото демонстрациско поле е важна алка во тој процес.
– Заедно покажуваме дека преку меѓународните партнерства и со примена на науката можеме да изградиме поотпорно, поконкурентно и поодржливо земјоделство. Овие напори се во согласност со националните стратешки документи, вклучително и Стратегијата за паметна специјализација, реформската агенда, како и националните стратегии за климатските промени – изјави Трипуновски.
Во експериментите ќе се применуваат дигитални технологии, прецизно наводнување, сензори, метеоролошки станици, системи за далечинско следење, дронови, соларни панели, пумпи и антифрост-системи. Со помош на овие технолошки решенија ќе се собираат прецизни податоци што ќе бидат основа за реални анализи што ќе придонесат во донесувањето одлуки при креирање на земјоделските политики, а со практична цел – да се придонесе за одржување на продуктивноста во услови на температурни осцилации, нерамномерни врнежи, суши и недостиг на вода, со цел да се обезбеди стабилно домашно производство на храна и во услови на климатски промени.
Проектот има и силна образовна димензија и ќе им помогне на студентите на Земјоделскиот факултет да учат во непосреден контакт со реалните предизвици.

Оваа активност е дел од поширока регионална поддршка на германската влада за климатска адаптација во земјите од Западен Балкан, насочена кон поефикасно спроведување на мерки во согласност со Зелената агенда за Западен Балкан.
– Македонско-германската соработка во земјоделството и руралниот развој трае повеќе од три децении. Низ годините, таа се менуваше заедно со потребите на земјата – од поддршка во периодот на трансформација, преку зголемување на продуктивноста, пласманот и трговијата, до денешниот предизвик кој станува сè поважен: адаптацијата кон климатските промени. Како имплементатор на проектот, особено е важно резултатите од истражувањата да не останат само во институциите, туку да стигнат до оние што треба да ги применат земјоделците – истакна Давид Оберхубер, директор на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
Освен во Македонија, демонстрациски активности се спроведуваат и во Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
(С. Бл.)











