Македонскиот ракометен шампион Вардар со трофеј ја отвори мовата сезона во македонскиот шампионат. „Црвено-црните“ славеа над ГРК Охрид (32:31) во деветтото издание на Суперкупот на Македонија кој се одигра во Гевгелија и така дојде до петтото одличје во ова натпреварување.
Дуелот беше вистинско уживање, а се реши во финишот. Клучна беше одбраната на голманот Валах, кој му фати шут на Стрмљан, со кој спречи изведување на пенали.
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ за првпат го победи Ројевиќ во новата сезона, по двата порази на подготвителните натпревари, или вкупно по три меча ако се земе предвид и последниот меѓусебен дуел од ланската сезона на Суперлигата.
„Сигурно дека сме задоволни кога ќе се освои трофеј, среќа и задоволство е големо. Знаевме дека не чека тешко финале против многу добар противник и би сакал да му честитам на Охрид за фер и коректниот меч. Ова беше вистинско финале и честитки до моите играчи“, изјави Чупиќ.
ГРК Охрид по трите победи во низа, две на подготвителните средби и една на крајот на ланската сезона, загуби од црвено-црните, во Суперкупот, а тренерот Борис Ројевиќ по мечот изјави:
„Мора да анализирам што се се случи на теренот, некои работи не ми се допаднаа какви беа. Честитки за Вардар за трофејот во Суперкупот, ама ако го освоевме и ние немаше да биде незаслужено. Бевме поблизу до победа, но некои работи кои ги договаравме не се исполнија на терен. Имавме и мал замор заради тешките и напорни патувања кои ги имавме, но би сакал да им честитам на моите играчи за прикажаната борба“, изјави Ројевиќ.
За Вардар, ова е петти Суперкуп трофеј во историјата. Македонскиот тим е најтрофеен во ова натпреварување, сега следи битката на домашната сцена за двојната круна и во Лигата на шампионите.
ГРК Охрид, пак го подобри ростерот од ланската сезона и оваа година ќе важи за сериозен фактор во македонскиот ракомет. Покрај на домашната сцена, тимот игра и во Европскиот Куп на ЕХФ каде го брани трофејот.
Н: Министерот Борко Ристовски му честиташе на Вардар
Министерот за спорт Борко Ристовски присуствуваше на 9. издание на Ракометниот Супер Куп на Македонија, што се одржа во Гевгелија, во организација на Ракометната федерација на Македонија.
Во натпреварот за првиот трофеј во новата ракометна сезона силите ги одмерија актуелниот шампион РК Вардар и финалистот во Купот на Македонија, РК Охрид.
РК Вардар ја потврди шампионската форма и со победата над РК Охрид во неизвесен дуел ја освои петтата титула во Супер Купот на Македонија. За вардарци ова е прв трофеј во новата сезона и продолжение на успешната традиција на клубот во ова натпреварување.
Двојниот европски првак воедно е и најуспешниот клуб во историјата на Супер Купот.

„Честитки за РК Вардар за заслужената победа и за освоениот петти трофеј во Супер Купот. Ова е одличен почеток на новата сезона и потврда за квалитетот и победничкиот карактер на тимот. На вардарци им посакувам успешна сезона како на домашната, така и на европската сцена во Лигата на шампионите. Честитки и за РК Охрид за прикажаната борбеност и одличниот натпревар. Верувам дека и оваа сезона ќе донесе квалитетен и конкурентен македонски ракомет“ – изјави министерот за спорт Борко Ристовски.
Министерството за спорт останува силен партнер и поддржувач на македонскиот ракомет и на сите спортски колективи кои придонесуваат за развојот и афирмацијата на македонскиот спорт.












