среда, септември 2, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Газдите штедат на придонеси, знаењето станува „непотребен“ луксуз

Газдите штедат на придонеси, знаењето станува „непотребен“ луксуз

Македонскиот пазар на труд и понатаму се соочува со парадокси во кои и работникот и работодавачот бараат начини да преживеат во системот, наместо да градат стабилен и продуктивен однос. Од една страна, нерегуларното вработување често се покажува како поисплатлива опција за газдите, а од друга, дел од менаџерите не ја препознаваат вредноста на образованието и стручноста. Наместо знаење, иницијатива и компетентност, предност често добиваат послушноста и уверувањето дека „газдата знае сè“

1

Во Македонија постојано се води дебата околу тоа какви кадри навистина ѝ се потребни на економијата и зашто, и покрај големиот број слободни работни места, има над 10 илјади невработени. Најголема побарувачка има во преработувачката индустрија, угостителството, трговијата, административните и помошните дејности, градежништвото и транспортот. Додека, пак, од друга страна и понатаму има високообразован кадар кој тешко наоѓа соодветно работно место. Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во државата биле регистрирани 541 невработен магистер и 25 доктори на науки. Оваа информација предизвика бројни реакции во јавноста и отвори многу прашања во однос на тоа дали македонскиот пазар на труд има реална потреба од толкав број високообразовани кадри, дали дипломата автоматски значи и знаење и практични способности, но и дали начинот на кој се вработува во државата им дава еднаква шанса на сите.

Работодавачите, пак, сметаат дека во државата нема поригорозни мерки и контроли против работата на црно. И покрај постојаните апели од бизнисот да се воведат поригорозни мерки и контроли, сепак, бројот на работниците на кои не им се плаќа здравствено, социјално и пензиско осигурување се зголемува.

И покрај тоа што во државата има над 10 илјади слободни работни места, бизнисот тешко наоѓа работници. Работодавачите ретко бараат работници преку Агенцијата за вработување, туку најчесто преку свои канали, што отвора простор за зголемување на работата на црно.

– И самите статистички податоци го потврдуваат тоа. Според последните податоци, во државата има околу 100 илјади, односно 94.197 неформално вработени. Причината е едноставна – кај нас повеќе се исплаќа да се работи на црно отколку да се биде регуларно вработен. Има големи давачки кои на работниците им ја намалуваат платата, а на работодавачот му го зголемуваат трошокот. Така, на пример, за нето-плата од 30 илјади денари што ја зема работникот, работодавачот плаќа уште 15 илјади денари за даноци и придонеси. Наместо тоа, повеќе му се исплаќа да му даде дополнителни 5 илјади денари на работникот, а 10 илјади денари да стави во свој џеб, изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи.

Според него, државата треба да преземе поригорозни мерки против работата на црно, бидејќи на овој начин се демотивираат работодавачите кои работат согласно so законите и се создава нелојална конкуренција.

Во однос на податоците дека на пазарот на трудот во државата има 541 невработен магистер и 25 доктори на науки, Димитров смета дека станува збор за кадри за кои стопанството нема доволна потреба.

– Во Македонија се продуцираат кадри кои не му требаат на стопанството. Тие магистри и доктори на науки не придонесуваат доволно ниту за стопанството ниту за економијата. Потребни се кадри кои ќе понудат научни решенија што ќе бидат применливи во стопанството, технички решенија кои ќе ја оптимизираат работата и ќе ја зголемат продуктивноста, смета Димитров.

Тој го потврдува и фактот дека во државата се намалува бројот на работници, додека истовремено се зголемува бројот на пензионери. Според него, ова на долг рок е економски неодржливо, бидејќи сè поголем дел од средствата од буџетот ќе се издвојуваат за исплата на пензии, наместо за економски развој, подобро образование, здравство и други важни области.

– Постојаните дебати за неиздржливоста на пензискиот фонд влијаат врз довербата на работниците во системот на пријавување и плаќање придонеси. Поради тоа се зголемува и работата на црно. Од друга страна, кај нас, според законите, казните сè уште се мали доколку некој биде фатен дека работи нерегистрирано, односно доколку не им плаќа здравствено, пензиско и социјално осигурување на работниците. Газдите ги плаќаат казните и продолжуваат по старо, бидејќи на тој начин нивниот профит е поголем, изјави за весникот ВЕЧЕР Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата.

Во однос на високообразованите кадри на пазарот на трудот, Бошков смета дека тие се „преобразовани“ за потребите на македонскиот бизнис.

– Кај нас само 3 отсто од компаниите во приватниот сектор имаат корпоративно управување. Со други зборови, на македонскиот менаџер не му требаат паметни или високообразовани работници, бидејќи тој смета дека самиот знае сè, појаснува Бошков.

Дел од граѓаните сметаат дека проблемот не е само во бројот на дипломи, туку и во недоволната усогласеност меѓу образовниот систем и реалните потреби на пазарот на трудот. Младите и високообразованите кадри често се соочуваат со недостиг од работни места кои директно одговараат на нивната стручност, додека во исто време на пазарот има голема побарувачка за практични професии и занаети.

Во јавноста често се отвора и прашањето за влијанието на партиските и политичките врски при вработувањето. Дел од граѓаните сметаат дека партиската припадност може да биде поважна од образованието и стручноста, особено при вработувањето во јавниот сектор. Други, пак, сметаат дека високообразованите кадри треба да бидат попроактивни и да бараат можности и надвор од државната администрација, вклучително и преку приватниот сектор или сопствен бизнис.

Сепак, бројките за невработените магистри и доктори на науки, заедно со недостигот од работници во повеќе сектори, укажуваат на подлабок проблем – недоволна поврзаност меѓу образованието и реалните потреби на економијата. Решението не може да се бара само во зголемување или во намалување на бројот на дипломирани кадри, туку во подобро планирање на образовните политики, поголема соработка меѓу универзитетите и стопанството и создавање услови во кои знаењето и стручноста ќе имаат реална вредност на пазарот на трудот.

На крајот, останува прашањето дали Македонија создава кадри според потребите на економијата или економијата се обидува да се приспособи на кадрите што ги создава образовниот систем.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ