Младиот македонски продуцент и диџеј, Анастас, е избран во престижната програма „Антолд креаторс бај Виза”, организирана од светски познатиот фестивал „Антолд”  (Untold) во Трансилванија, Романија – фестивал кој важи за трет најголем фестивал во светот.

Во конкуренција од дури 11.366 апликации од целиот свет, Анастас е еден од само 25 избрани диџеи кои добија можност да бидат дел од оваа интернационална програма. Ова е и прва година во која „Антолд” отвора простор за интернационални артисти надвор од Романија.

Во рамки на програмата, учесниците работеа и учеа од светски познати продуценти и ментори од електронската сцена, а како финален продукт снимија свои авторски диџејски сетови.

Во моментов е отворено официјалното гласање за најдобар диџејски сет, а за Анастас може да се гласа на http://bit.ly/4u0w9bD

Четворица од учесниците ќе добијат можност да настапат на фестивалските стејџови на „Антолд“, додека еден од нив ќе настапи на главната сцена – пред десетици илјади луѓе – заедно со светски музички имиња како Стинг, Мартин Гарикс, Киго, Афроџек, Лост фреквенсис и многу други. Сега поддршката е најважна, за

младиот македонски артист да стане дел од една од најголемите музички сцени во светот.

Aнастас е 26-годишен диџеј и продуцент од Скопје, чие име сè почесто се појавува на регионалната и на домашната електронска сцена. Во изминатиот период настапуваше заедно со имиња како Арги, Хугел и Ендрју Мелер, а беше и резидент диџеј во „Станица 26” заедно со Галоски.

Неговата музика е веќе издавана за познати електронски лејбли како „Кафе де Анатолиа“, „Гарден оф дримс“, а неговиот звук комбинира мелодик хаус, органик елементс и современа електронска продукција.

Ова е ретка можност млад македонски артист да ја претставува земјата на глобална сцена – и токму затоа, секој глас може да направи огромна разлика.

Инаку, фестивалот „Антолд” е еден од најголемите и највлијателни музички фестивали во Европа, кој секоја година се одржува во Клуж-Напока, во срцето на Трансилванија. Фестивалот обединува стотици илјади посетители од повеќе од 100 земји и носи настапи од најголемите светски диџеи, музички ѕвезди и „лајв“ артисти. Препознатлив по својата спектакуларна продукција, магична сценографија и уникатна атмосфера, „Антолд” денес е рангиран меѓу најдобрите и најпосетени фестивали во светот.

ИЗДВОЕНИ