четврток, септември 3, 2026
Дома КОЛУМНИ Триесет и пет години од Вајмарскиот триаголник: Патот кон европско единство и...

Триесет и пет години од Вајмарскиот триаголник: Патот кон европско единство и добрососедство

3
„Заедно за Европа: Кристоф ле Риголер, Петра Дрекслер, Мариуш Бримора пред уметничка слика која прикажува фрагменти од Берлинскиот ѕид. Падот на Ѕидот, што постоеше од 1961 до 1989, важи како симбол за надминувањето на европската поделба“
„Заедно за Европа: Кристоф ле Риголер, Петра Дрекслер, Мариуш Бримора пред уметничка слика која прикажува фрагменти од Берлинскиот ѕид. Падот на Ѕидот, што постоеше од 1961 до 1989, важи како симбол за надминувањето на европската поделба“

Пред триесет и пет години, на 28/29 август 1991 г., министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Полска се сретнаа во Вајмар во момент што донесе длабоки промени на нашиот континент. Европа почна да се исправа од поделбите за време на Студената војна.  Старата сигурност се губеше, додека нова надеж заземаше форма. Инспирацијата за декларацијата што се усвои во Вајмар се криеше во едноставното, а сепак амбициозно уверување: дека демократијата, просперитетот и безбедноста може да се постигнат само преку соработка и зближување на силните страни на цела Европа. Три држави беа повикани да преземат особена одговорност за градење на Европа врз основа на солидарност, споделени вредности и заедничка иднина.

Па оттаму, Вајмарскиот триаголник не се изроди да биде просто уште еден дипломатски формат, туку да биде израз на поширока европска идеја.  Франција и Германија се здружија со демократска Полска, враќајќи се кон правичното место во обединета Европа, за да се надминат поделбите и за да се осигури дека новата Европа ќе биде изградена инклузивно за сите општества, кои беа предолго разделени поради историјата и геополитиката.

Денес, триесет и пет години подоцна, Европа повторно се наоѓа во историски миг на пресврт. Но, околностите не може да бидат поразлични од оној оптимизам на 1991 година.  Руската воена агресија врз Украина ги поништи долгонегуваните претпоставки во врска со безбедноста, потсетувајќи нѐ дека мирот не може да се сфати здраво за готово и дека слободата и суверенитетот на една европска нација се неразделиви од безбедноста на сите други нации. Во ваква клима на геополитичка несигурност, Вајмарскиот триаголник станува порелевантен од кога било претходно. Франција, Германија и Полска даваат свој придонес преку различните искуства, географските перспективи и стратешките традиции.  А сепак, заедничката одговорност ни е повеќе од јасна: да се даде придонес кон Европа која е способна сама да се брани, поддржувајќи ја Украина и штитејќи ги принципите врз кои мора да биде поставен долготрајниот и правичен мир.  Лекцијата од Вајмар е дека на европското единство не му треба еднообразност, туку способност да се слушне другиот, да се усогласат различните перспективи и разликите да се трансформираат во заеднички дејствија.  Во Европа која се соочува со војна и со сѐ поголема геополитичка несигурност, ваквата способност не е луксуз. Таа е стратешка потреба.

Освен тоа, безбедноста веќе не се дефинира само преку воена сила.  Дезинформациите, странската манипулација со информациите и политичкото мешање се стремат да постигнат уште подлабоки поделби, да ја намалат довербата во демократските институции и да ги претворат во постојан извор на конфронтација оние легитимни разлики кои секако ги има во нашите општества.  Вајмарскиот триаголник го препозна овој предизвик, па разви соработка со цел да ја зајакне отпорноста и да реагира поефективно на манипулацијата со информациите.  Воедно, безбедноста има и важна економска димензија. За силна и отпорна Европа не се потребни само посилни вооружени сили, туку и безбедни синџири на снабдување, модерна инфраструктура, технолошки иновации и блиска соработка меѓу владите и бизнис-секторот.

Силата на Вајмарскиот триаголник се крие во неговата флексибилност и широката основа.  Тој не е само форум за влади, туку претставува уникатна мрежа во која се вклучени парламентите и граѓанското општество. Преку младинска размена и иницијативи од областа на културата, Триаголникот докажа дека европската интеграција е најуспешна кога доаѓа од луѓето.

Ова е од особено значење за Северна Македонија и Западен Балкан. Додека Северна Македонија се подготвува да ја прослави 35-годишнината од својата независност, вреди да се потсетиме дека, оттогаш, водечкиот принцип на државата е стратешкиот избор на Европа. Оваа долгорочна определба кон европската интеграција продолжува да биде темелот на нашето блиско партнерство.

Во овој контекст, Вајмарскиот триаголник не нуди само инспирација, туку и активна поддршка. Убедени сме дека патот кон членство во ЕУ е најефективен ако е поддржан од силно граѓанско општество и парламентарен дијалог. Токму поради тоа, нашите три држави активно ја поддржуваат регионалната размена на Западен Балкан – преку Берлинскиот процес, наменски програми за посети или заеднички младински проекти. Се стремиме да го негуваме истиот оној дух на солидарност и заедничка доверба, што го дефинираше Вајмарскиот триаголник.

Приказната за нашата алијанса нуди витална лекција: тешката историја не мора да ја одреди и иднината. Вајмарскиот триаголник беше дизајниран токму за да го олесни процесот на помирување. Франција, Германија и Полска покажаа дека со политичка храброст и институционална соработка, може да се транформира наследство полно конфликти и заемна недоверба во партнерство од доверба. Помирувањето меѓу Полска и Германија, активно поддржано и отелотворено во нашето партнерство со Франција, сѐ уште е еден од најмоќните примери за тоа што сѐ може да се постигне со долготрајна соработка. Тоа е доказ дека иднината не мора да биде заложник на минатото.

Токму тука Вајмарскиот триаголник може да понуди инспирација за Западен Балкан. Добрососедските односи не треба да се сфатат само како обврска на патот кон членство во ЕУ. Тие се, пред сѐ, инвестиција во безбедноста, просперитетот и иднината на граѓаните. За ова е потребно трпение, емпатија и волја да се работи на тешките прашања. Вистинското помирување не значи да се заборави сопственото минато, туку да се има доволно доверба во сопствениот идентитет, со цел да се изгради заедничка иднина со своите соседи.

Триесет и пет години по средбата во Вајмар, централната идеја зад Триаголникот сѐ уште останува да биде извонредно современа. Европа е најсилна кога нејзините нации не се повлекуваат зад своите разлики, туку кога се исправаат да преземат одговорност заедно. Реалноста во 2026 г., конфронтирана со војната во Украина, хибридните закани, кампањите со дезинформации и сѐ поголемата геополитичка несигурност, докажува дека оригиналните претпоставки зад Вајмарскиот триаголник не само што заслужуваат да останат во сеќавањата туку заслужуваат и да бидат обновени.

Иднината на Европа ќе зависи од нашата способност да продолжиме да градиме мостови онаму каде историјата направила поделби. Ова е вонвременската порака од Вајмар.

Вршител на должност на Полска, Мариуш БРИМОРА

Амбасадорка на Германија, Петра ДРЕКСЛЕР

Амбасадор на Франција, Кристоф ле РИГОЛЕР

 

 

 

ИЗДВОЕНИ