Во судницата во затворот „Идризово“ продолжи судењето за обвинетите за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Сведочеше вештото лице Викторија Будимовска- Секуловска, одговарајќи на прашањата на одбраната. Од 2012 до 16 март 2025 година, во дискотеката не била извршена инспекциска контрола од инспектор за противпожарна заштита – рече таа.
Во објектот бил истакнат само еден план за евакуација, а главната влезно-излезна врата не ги исполнувала условите за противпожарна врата.
– Сè што спаѓа во противпожарна врата, значи паник-рачка и кочење во систем за кочење во отворена положба и самата огноотпорност на вратата, сето тоа не е исполнето на таа врата – рече Будимовска-Секуловска.
Вештото лице Маријана Лазаревска, пак, при вкрстеното испрашување од одбраната, повторно зборуваше за материјалите употребени во објектот и нивната улога при ширењето на пожарот.
– Ценевме иницијалниот извор на пожарот да се прскалките. Меѓутоа, можноста да се запали нешто во конкретниот случај, во конкретниот објект, му припаѓа на сунѓерот. Значи, тука имаме директна поврзаност – истакна Лазаревска и појасни дека при проектирањето на објектите, пожарот се зема како можен ризик, без оглед на неговата причина, а објектот треба да биде проектиран и изведен така што ќе обезбеди безбедност и во услови на пожар.
Лазаревска нагласи дека заклучоците во вештачењето не се засноваат на една фотографија или на изолиран документ.
– Ниту еден утврден факт во нашето вештачење не се базира на еден изолиран документ, ниту на претпоставки. Не го утврдивме сунѓерот од фотографија. Фотографијата ја приложуваме за да видите вие каде е поставен и како изгледа – рече таа.
Во расправата се вклучи и професорот Горан Марковски, кој посочи дека бил утврден составот на материјалот врз основа на форензички вештачења и наоди од Институтот за судска медицина и ПМФ.
– Специфично за овој материјал, конкретно сунѓерот, е што при согорување, тој ослободува јаглерод моноксид и цијанид, а знаеме во кои историски моменти се користел цијанидот – рече Марковски.
Тој реагираше и на инсистирањето на одбраната околу бојата на сунѓерот, посочувајќи дека за вештачењето не била клучна неговата боја, туку неговите состав и својства. На дел од рочиштето, судијката Дијана Груевска-Илиевска констатираше дека одбраната поставува прашања на кои вештаците веќе одговориле, но дозволи продолжување на испрашувањето со образложение дека станува збор за право на одбраната.
Со распитот на вештаците од тимот на Градежниот факултет при УКИМ, треба да заврши доказната постапка на Обвинителството, по што одбраната треба да почне со изведување на своите докази. (П. А.)












