Ставот на Белгија против користењето на замрзнатиот руски имот остана непроменет, изјави белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево.
Реакцијата следува откако група европски земји побара Европската Унија повторно да ја разгледа можноста за употреба на тие средства за помош на Украина, пренесе Ројтерс. Холандија, Полска, Шпанија и Шведска минатата недела ја повикаа ЕУ да го разгледа користењето на замрзнатиот руски имот за Украина, а одделни министри ја повторија таа идеја на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Ирска.
„Дебатата е повторно покрената на иницијатива на четири европски земји, но меѓу колегите предизвика малку ентузијазам и подготвеност“, наведе Прево во соопштението по разговорите.
Тој рече дека повторно го изнесол ставот на Белгија, кој, како што истакна, е непроменет веќе една година. „Причините поради кои се противиме на тоа во меѓувреме не исчезнаа како со магија“, рече белгискиот министер.
Прево додаде дека користењето на рускиот имот преку постапка што би претставувала конфискација би донело „многу значајни ризици“.
Белгија е посебно загрижена поради можните правни и финансиски последици од користењето на замрзнатиот руски имот, додека одделни членки на ЕУ се настојуваат да најдат начин да ги искористат средствата за поддршка на Украина. Дебатата за таа можност е повторно отворена по иницијативата на четирите членки на ЕУ, но како што наведува Прево, на состанокот на министрите за надворешни работи немало позначајна поддршка за таа идеја, пренесува Танјуг.












