среда, септември 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Таткото е на меѓународна потерница, а ќерката бара да замине во Бугарија...

Таткото е на меѓународна потерница, а ќерката бара да замине во Бугарија на лекување

СЛУЧАЈОТ СО ИВА МИХАИЛОВА ДОБИВА НОВА ДИМЕНЗИЈА

0

Додека Ива Михаилова бара од македонскиот суд да ѝ се овозможи да замине во Бугарија за да продолжи со лекување, нејзиниот татко, Симеон Михаилов, кој во Бугарија јавно настапува во нејзина одбрана, е осуденик по кој МВР има активна меѓународна потерница. Тој треба да издржува правосилна затворска казна од 12 години и шест месеци, за обид за убиство и злосторничко здружување во големиот случај од пред повеќе од деценија познат под името „Детонатор“

Случајот со Ива Михаилова, која сè додека трае судењето против неа поради сообраќајката во која едно лице загинало, а неколкумина биле повредени, меѓу кои и таа самата,  е под судски мерки и ѝ се одземени двата пасоша – македонскиот и бугарскиот, добива нова димензија. Нејзиниот татко, Симеон Михаилов, кој присуствуваше на протестот за поддршка на својата ќерка во Софија и даваше изјава за бугарската национална телевизија, е осудено лице во земјава, кое се бара со меѓународна потерница за одлежување затворска казна од 12,6 години изречена поради неговото криминално минато во судскиот случај познат под името „Детонатор“, главно за нелегални активности со покер апарати, но и за убиства, обиди за ликвидација, лихварство, перење пари. Кочани, од каде што потекнуваат Михаилови, е еден од градовите каде што сè уште се зборува за мафијата која беше страв и трепет во источниот дел на Македонија.

По неговото појавување на протестот организиран од  бугарската „Фондација Македонија“ пред амбасадата на Македонија во Софија за поддршка на Бугарката од Кочани, Ива Михаилова, се наметна прашањето дали македонските власти ќе бараат екстрадиција на Михаилов?

Од Министерството за правда потврдуваат дека, до овој момент, кај нив не е започната постапка за екстрадиција на Симеон Михаилов.

„Министерството за правда започнува постапка за екстрадиција по претходно добиено известување од МВР дека лицето е лоцирано или уапсено. До овој момент, немаме добиено такво известување за лицето Симеон Михаилов“, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за правда.

Според МВР, постапката за екстрадиција се поведува откако македонските власти ќе бидат известени дека лицето по кое е распишана меѓународна потерница е пронајдено или уапсено во друга држава. Потоа, Министерството за правда ја доставува потребната документација до земјата каде што се наоѓа лицето.

„Постапката за екстрадиција е пропишана со Европска конвенција за екстрадиција. Доколку МВР на РС Македонија биде информирано од страна МВР на Република Бугарија дека лицето за кое прашувате е лоцирано или лишено од слобода врз основа на наша распишана меѓународна потерница, тогаш Министерство за правда на РС Македонија треба да се обрати до Министерството за правда на Република Бугарија, со доставување на потребна документација за екстрадиција. Постапката за лицето предмет на интерес не е започната затоа што не сме известени од бугарска страна дека лицето е лоцирано и лишено од слобода“, одговорија за ВЕЧЕР од МВР.

Екстрадициските односи меѓу Македонија и Бугарија се регулираат преку Европската конвенција за екстрадиција. Дополнителна околност во случајот е тоа што Бугарија има резерва во однос на екстрадицијата на свои државјани, а во отсуство на билатерален договор за екстрадиција, шансите дека Михаилов ќе биде испорачан во земјава за да си ја одлежи затворската казна, се мали. Уште повеќе што тој во изминативе неколку дена излезе на речиси сите национални медиуми во Бугарија и бара неговата ќерка, која по сообраќајката била хоспитализирана во реномирана скопска приватна болница, да биде донесена во Софија на лекување.

Михаилови живеат и работат во Банско, откако Симеон ја напуштил земјата пред да биде ефективна пресудата.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Македонија очекува Бугарија да постапи во духот на партнерството.

„Ние имаме потерница и очекуваме нашите партнери да постапат соодветно на партнерството, бидејќи ние сме партнери со нашиот источен сосед во една друга алијанса, која се вика НАТО и очекуваме луѓето што се бараат со потерница во духот на партнерството да ги испорачаат за да се соочат со правдата“, изјави премиерот Мицкоски.

Симеон Михаилов првично бил осуден на доживотна казна, а по жалбени постапки, таа му се намалила на 12,6 години. На органите на прогон им бега два пати, во текот на судската постапка тој првично ја напуштил државата и му се судело во отсуство. Во август, 2013 година, бил уапсен во Италија по меѓународна потерница, а по една година бил екстрадиран во Македонија. По екстрадицијата бил во притвор. Но, само неколку дена пред пресудата да стане правосилна, судот му дозволил да се брани од слобода. Пет дена подоцна, повторно ја напуштил државата и оттогаш е недостапен за македонските власти. Меѓу делата за кои бил осуден се обид за убиство, злосторничко здружување и насилство.

СУДСКИОТ СОВЕТ Е ВО ТЕК СО СУДЕЊЕТО ПРОТИВ МИХАИЛОВА ВО КОЧАНИ

Бугарскиот врв и медиумите на големо го експонираат случајот со неговата ќерка Ива Михаилова, 23-годишна девојка со македонско и бугарско државјанство, која до пред сообраќајката живее и студира во Бугарија. Во Основниот суд во Кочани против неа се води постапка за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по несреќата од октомври 2025 година, во која едно лице загина, а повеќе лица беа повредени, меѓу кои и Михаилова. Таа не ја признава вината.

Нејзината одбрана бара да ѝ бидат вратени патните исправи и да ѝ биде овозможено да замине во Бугарија за да продолжи со лекувањето. Михаилова тврди дека по повредите на ’рбетот има потреба од медицински третман кој, според нејзината одбрана, не може да го добие во Македонија. Таа доаѓа на судењата, придружувана од неколкумина политички чинители од Бугарија. Судот засега не го прифаќа барањето, а една од клучните причини е потребата да се обезбеди нејзиното присуство во текот на постапката. На последното рочиште одржано на 31 август, продолжи изведувањето докази, а следното рочиште е закажано за 28 септември. Случајот во меѓувреме доби и политичка димензија во Бугарија. Бугарски претставници го следат судењето, а Софија инсистира на почитување на правата на Михаилова и на можност за соодветно лекување.

Судењата во судницата во Основниот суд во Кочани се одвиваат под силен притисок од надвор. Весникот ВЕЧЕР побара одговор од претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, дали ги следи случувањата во случајот Михаилова и дали смета дека треба да ги заштити судиите во името на правдата.

„Во тек сме со конкретниот судски процес, таму судечки судија е претседателот на кочанскиот суд, ние како Судски совет го охрабривме да суди согласно со законот и доколку почувствува каква било форма на притисок, да нè извести“, изјави Камбовски за весникот ВЕЧЕР.

Оттука се отвора прашањето што ќе се случи со нејзиното враќање во Македонија и продолжувањето на судскиот процес доколку таа биде пуштена да замине, особено имајќи предвид дека и таа е бугарска државјанка. Уште повеќе што случајот на таткото покажува колку може да биде сложена ситуацијата кога лице кое го бара македонското правосудни органи е слободно во соседна земја чие државјанство го поседува. (П. А.)

 Кој е Симеон Михаилов?

Името на Симеон Михаилов во македонската јавност се појавува уште од големата полициска акција „Детонатор“ во 2013 година. Во предметот беа опфатени 16 лица од Кочани, Виница и Штип, а Обвинителството ги гонеше за повеќе кривични дела, меѓу кои обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, даночно затајување, лихварство, насилство и измама. Михаилов беше обвинет и осуден во делот што се однесуваше на обидот за убиство на Драганчо Стоименов во скопската населба Аеродром.

Стоименов, инаку поранешен телохранител на Сашо Мијалков, повеќепати бил цел на напади, а во еден од нив, под неговиот автомобил била поставена бомба. Тој во процесот беше клучен сведок на Обвинителството и групата извршила повеќе напади против него. По екстрадицијата од Италија Михаилов бил во притвор , но повторно успеал да избега. На само неколку дена пред пресудата да стане правосилна, судот му дозволил да се брани од слобода. Пет дена подоцна, пред правосилноста на пресудата, Михаилов повторно ја напуштил државата. Оттогаш македонските власти повторно трагаат по него.

 

ИЗДВОЕНИ