понеделник, септември 28, 2026
Дома СКОПСКА Скопје доби Центар за дневен престој за лицата со попреченост

Скопје доби Центар за дневен престој за лицата со попреченост

70

Во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ) денеска беше отворен Центарот за дневен престој за лицата со попреченост од 14 години, па нагоре. Центарот го отворија заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Во овој Центар корисниците ќе добиваат психолошка и стручна поддршка, ќе учествуваат во едукативни, креативни и рекреативни активности, ќе развиваат практични и животни вештини, ќе се дружат, ќе комуницираат и, чекор по чекор, ќе ги градат својата самостојност и својата самодоверба.

– Ова е место во кое ќе има сигурност, грижа, разбирање и човечка топлина. Место во кое ќе биде прифатен секој човек таков каков што е, со своите способности, желби, потреби и потенцијали. Нашата обврска како општество не е само да зборуваме за еднаквост туку и да ја создадеме во реалниот живот – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека е важен овој Центар и за нивните семејства.

– За родителите и за старателите што секој ден носат огромна љубов, грижа и одговорност, сакаме да бидеме вистинска поддршка. Да знаат дека нивните најмили се во сигурни раце, во средина во која се почитувани, заштитени и поттикнати да напредуваат. Никој не смее да се чувствува заборавен, оставен настрана или помалку вреден – нагласи Ѓорѓиевски.

ИЗДВОЕНИ