Почнува „блек фрајдеј“, а граѓаните се бомбардирани со реклами на Интернет и во продавниците, кои ветуваат големи попусти и неповторливи поволности. Прецртаните цени, намалувањето од 50, 60 или 70 отсто и пораките дека важи понудата уште кратко создаваат чувство дека токму сега е вистинскиот момент за купување. Но, колку се реални попустите? Дали може потрошувачите да ги препознаат вистинските поволности, да го купат она што навистина им е потребно, а притоа да не го оптоварат семејниот буџет или да отидат во минус на картичката?
Иако купувањето производ на попуст често се доживува како заштеда, не секоја прецртана цена значи и реално поевтинување. Производ што е намален на етикетата од 30.000 на 24.000 денари, изгледа како заштеда од 6.000 денари. Но, ако само една недела претходно чинел 25.000 денари, вистинската разлика е само 1.000 денари. Токму затоа поважно од процентот на попуст е колку навистина чинел производот пред акцијата.
Податоците од домашната платформа за споредба на цени, „Спотер“, покажуваат дека има производи што навистина поевтиниле и пред „црн петок“. На 13 ноември, 427 од 30.962 следени производи биле поевтини од најниската цена што ја забележала платформата претходната недела. Кај околу две третини од 10.263 следени понуди со прецртана цена, пак, платформата не ја забележала таа цена во претходните 30 дена. Станува збор за следење на објавени цени на 67 онлајн продавници, а не за официјален инспекциски наод или за целосна слика за трговијата во земјава.
И од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) потврдуваат дека секоја година се повторуваат слични трговски практики, но и грешки на потрошувачите. Оттаму апелираат граѓаните да не избрзуваат со купувањето и да внимаваат дали навистина се однесува намалувањето на сите производи или само на одредени модели што послабо се продаваат.
– На производот треба да бидат залепени две цени, едната стара цена, која треба да важи еден месец претходно, и цената на попуст. Исто така, треба да внимаваат доколку има попуст во некоја продавница, на пример од 70 отсто, дали сите производи се на 70 отсто попуст или само одредени производи, кои послабо им се трошат. Рекламата е голема, но прашањето е дали се сите производи на попуст или само постарите модели. Граѓаните да внимаваат, бидејќи за „блек фрајдеј“ трговците најчесто сакаат да протуркаат некој производ што вообичаено послабо се троши – велат од ОПМ за весникот ВЕЧЕР.
Потрошувачите често се жалат дека производот и по наводното намалување се продава по истата цена како и претходно. Така, на пример, фустан што чинел 2.000 денари, во текот на акцијата на етикетата е прикажано дека старата цена била 3.000 денари, додека намалената е 2.000 денари.
– Постојано имаме вакви јавувања, односно дека намалената цена е идентична со онаа што била пред попустот. Доколку наидат на вакви маркетиншки трикови, ние ги упатуваме потрошувачите да пријават во Државниот пазарен инспекторат, да изврши контрола во соодветната продавница – појаснуваат од ОПМ.
Токму Државниот пазарен инспекторат е институцијата во која може да пријават граѓаните сомнеж за неправилно прикажани цени и попусти. Инспекторатот секоја година врши вонредни контроли за акциите за „црн петок“ и примена на Законот за заштита на потрошувачите и укажува дека трговците мора да ги почитуваат правилата за означување на намалувањето.
Според законот, кога рекламира попуст, трговецот како основа треба да ја користи најниската цена по која го продавал производот во претходните 30 дена. Тоа значи дека ако еден производ прво чинел 6.000 денари, потоа бил намален на 5.000, па на 4.000 денари, следниот попуст треба да се пресметува врз основа на најниската цена од 4.000 денари, а не од почетните 6.000. Трговецот треба јасно да ги означи претходната и намалената цена, како и производите на кои се однесуваат акцијата и периодот во кој важи таа. Забрането е и доведувањето на потрошувачите во заблуда за цената или за реалната ценовна погодност.
Но, проблемот не е само во прецртаните цени. Во периодот околу „блек фрајдеј“, купувачите се изложени и на агресивни реклами, одбројување и на пораки дека останале уште само неколку парчиња или дека истекува понудата за неколку минути. Таквите пораки создаваат притисок за брза одлука и го намалуваат времето за споредување на цените и на условите.
Дополнителен ризик се и понудите што создаваат чувство на итност: „уште само три парчиња“, „понудата завршува за пет минути“ или „17 луѓе го гледаат производот“. Иако некои од овие информации може да бидат точни, купувачите треба да внимаваат да не донесат одлука под притисок. Истото важи и за понудите за бесплатна достава или за дополнителен производ: ако поради нив купат нешто што не им било потребно, не станува збор за заштеда.
Особено внимание треба да му се посвети и на плаќањето на рати. Ако производот чини 24.000 денари, но се нуди на 12 рати по 2.150 денари, вкупниот износ што ќе го платите е 25.800 денари. Тоа значи дека трошокот за плаќање на рати изнесува 1.800 денари. Ако истиот модел пред акцијата чинел 25.000 денари при еднократно плаќање, купувањето на рати во текот на попустот би ве чинело 800 денари повеќе. Ова е илустративен пример, но покажува зошто треба да се гледа вкупната сума, а не само висината на месечната рата.
Од ОПМ посочуваат дека попустите за „блек фрајдеј“ кај нас често траат цел месец наместо еден ден, како што е замислено со традиционалниот концепт на оваа акција. Трговците во овој период сакаат да продадат што повеќе, па граѓаните треба да внимаваат не само на цената туку и на квалитетот на производите, како и на условите за замена и враќање.
Затоа, пред да купат, потрошувачите треба да ја проверат цената од претходно, да го споредат точниот модел кај повеќе продавачи и да ја пресметаат конечната сума со доставувањето, каматата и со сите дополнителни надоместоци. Доколку се сомневаат дека е погрешно прикажан попустот, добро е да ја зачуваат сликата од понудата и сметката ако веќе го купиле производот, а потоа да поднесат пријава до Државниот пазарен инспекторат.
„Црн петок“ може да донесе вистинска заштеда, но само ако знае купувачот што бара, колку навистина чинел производот и колку ќе плати на крајот. Најдобар попуст не е оној со најголем процент на етикетата, туку производот што навистина ви е потребен и што го купувате по пониска конечна цена.
(А. С.)












