недела, ноември 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА РЕФОРМСКИОТ НАПРЕДОК НЕ ЗНАЧИ И ЧЕКОР НАПРЕД ВО ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ: Декември – месец...

РЕФОРМСКИОТ НАПРЕДОК НЕ ЗНАЧИ И ЧЕКОР НАПРЕД ВО ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ: Декември – месец на вистината за македонскиот европски пат

1
Македонија во Брисел со најави дека до крајот на годинава ќе ги исполни реформските обврски, но позитивните оцени од Европската комисија не ги отстрануваат отворените прашања за уставните измени и за владеењето на правото. Премиерот Мицкоски најави дека сите реформски обврски што се во т.н. грејс-период до крајот на декември ќе бидат усогласени и ќе поминат низ собраниска процедура. Станува збор за обемна реформска агенда што ги опфаќа јавната администрација, правосудството, дигитализацијата, транспортот и енергетиката, а нејзиното исполнување е важно и за пристапот до средствата од европскиот План за раст. Но, исполнувањето на овие обврски не значи автоматско исполнување на условите за отворање на пристапните преговори, ниту, пак, само по себе го отстранува политичкиот застој на државава. Реформите се неопходен услов за напредок, но остануваат отворени прашањата за уставните измени, владеењето на правото и за функционалноста на институциите

Македонската делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, денеска и утре учествува на форумот за проширување на Европската Унија „Поширока Европа – посилна Европа“ во Брисел, во момент кога Владата најавува дека до декември ќе ги заокружи обврските од Реформската агенда. Пораката од македонска страна е дека земјава им е посветена на реформите и дека најголемиот дел од законските решенија се веќе подготвени или во завршна фаза на усогласување. Мицкоски најави дека сите реформски обврски што се во т.н. грејс-период треба да бидат завршени до крајот на декември, односно да бидат усогласени законите и да поминат низ собраниска процедура. Станува збор за обемна реформска агенда што ги опфаќа јавната администрација, правосудството, дигитализацијата, транспортот и енергетиката, а нејзиното исполнување е важно и за пристапот до средствата од европскиот План за раст.

Но, токму тука се отвора суштинската разлика меѓу реформскиот напредок и политичкото придвижување на евроинтеграциите. Исполнувањето на обврските од Реформската агенда не значи автоматско исполнување на условите за отворање на пристапните преговори, ниту, пак, само по себе го отстранува политичкиот застој во кој се наоѓа Македонија. Реформите се неопходен услов за напредок, но остануваат отворени прашањата за уставните измени, владеењето на правото и за функционалноста на институциите.

Во делот на јавната администрација, Владата работи на законските решенија што треба да ги унапредат професионалноста, ефикасноста и деполитизацијата на администрацијата. Мицкоски посочи дека е во тек процесот на усогласување на законите што се однесуваат на административните службеници, вработените во јавниот сектор и на високите раководни служби. Оваа област е меѓу клучните во Реформската агенда, бидејќи од квалитетот на јавната администрација зависи и спроведувањето на другите реформи. Во правосудството, пак, во Брисел се испратени предлозите за измените на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка. На маса се и прашањата за буџетската независност на правосудните органи, како и законското решение за Академијата за судии и јавни обвинители. Овие реформи се особено значајни, бидејќи владеењето на правото останува едно од најчувствителните прашања во оценувањето на напредокот на земјава.

Одредени законски решенија, сепак, сè уште се соочуваат со предизвици. Таков е и Законот за оружје, за кој експертските предлози отвораат прашања во однос на уставноста, поради што е потребно дополнително усогласување. Во транспортниот сектор се очекуваат мислења за пет закони поврзани со интелигентните транспортни системи, додека во енергетиката, според најавите, преостануваат уште два чекори за исполнување на предвидените обврски.

Реформите и европските средства

Реформската агенда не е само политичка обврска туку и механизам преку кој Македонија може да обезбеди значителна финансиска поддршка од ЕУ. Максималната индикативна алокација за земјава во рамките на Планот за раст изнесува 750,4 милиони евра. Но, станува збор за потенцијално достапни средства, чие повлекување е условено со исполнувањето и оценувањето на конкретните реформски чекори.

Според досега објавените податоци, до јуни 2026 година на Македонија ѝ биле исплатени 142,1 милион евра врз основа на исполнети 22 од вкупно 53 предвидени чекори. Тоа ја покажува и финансиската тежина на реформскиот процес: секое доцнење или неисполнување на обврските може да значи и одложување на пристапот до европската финансиска поддршка.

Сепак, позитивната оцена за спроведувањето на Реформската агенда не треба да се меша со оцената за напредокот во пристапниот процес. Европската комисија може да го препознае напредокот во конкретни реформски области, но тоа не значи дека автоматски се создадени политички услови за следниот чекор во преговорите. Уставните измени и натаму се клучното отворено прашање, а реформите во правосудството и во борбата против корупцијата ќе останат со особено внимание кај европските институции.

Оттука, декември се наметнува како важен тест за Владата. Не само дали ќе успее да ги усвои најавените законски решенија туку и дали ќе бидат спроведливи тие, дали ќе имаат институциите капацитет да ги применат и каква оцена за постигнатото ќе даде Европската комисија. (Е. А.)

Форум: „Поширока Европа – посилна Европа“

Форумот во Брисел ќе ги собере политичките лидери и на него ќе се отвори поширока дебата за иднината на ЕУ и за местото на земјите кандидатки во новата европска безбедносна и политичка архитектура. Домаќин на второто издание на форумот е еврокомесарката за проширување, Марта Кос, а на официјалниот дел в понеделник ќе се обратат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Финска, Александер Стуб. Најавено е учество и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и на еврокомесарите Валдис Домбровскис и Андриус Кубилиус.

За вечерва се закажани прием и концерт на музика од земјите кандидатки, со настап на Марко Хатлак, Капобанд и на Младинскиот оркестар на Западен Балкан. Според официјалната програма, денеска се предвидени повеќе панели посветени на проширувањето и безбедноста, улогата на локалните самоуправи и граѓанските општества, новите пазари и реформските процеси.

ИЗДВОЕНИ