Младите брачни парови и самохраните родители од Ѓорче Петров ќе бидат целосно ослободени од општинскиот дел од комуналиите за изградба на својот прв семеен дом. Одлуката ја донесе Советот на Општина Ѓорче Петров на последната седница.
Таа се однесува на брачните парови кај кои најмалку едниот сопружник е на возраст до 40 години, како и на самохраните родители на истата возраст, да се работи за изградба на првата семејна куќа за сопствено домување, со една станбена единица и вкупна бруто-површина до 120 квадратни метри, но и на семејствата во кои ниту еден од сопружниците, односно самохраниот родител, нема друга станбена недвижност во сопственост или сосопственост.
Поддршката од Општината се однесува на целата територија на Ѓорче Петров – и за урбаниот и за руралниот дел.
– Сакам младите тука да ја гледаат својата иднина, да создаваат семејства и да градат сопствен дом. Да им го олесниме почетокот. Да им дадеме причина повеќе иднината да ја градат во Ѓорче – изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.












