недела, ноември 15, 2026
Дома СКОПСКА Длабок ископ пред станбениот комплекс ја загрозува безбедноста

Длабок ископ пред станбениот комплекс ја загрозува безбедноста

– Градежните активности веќе се одвиваат, а и покрај повеќемесечната официјална комуникација со Град Скопје, остануваат неодговорени клучните прашања за безбедноста на зградите, сопственичките односи, пристапот до домовите и губењето на постојниот паркинг-простор – реагираат жителите. Нивна најголема загриженост е планираниот длабок ископ непосредно до станбениот комплекс. Тие бараат копија од проектната и од техничката документација за да можат, на сопствен трошок, да ангажираат независни овластени стручни лица, кои ќе ги проценат влијанието врз темелите и статичката стабилност на зградите. Исто така, од Советот на Град Скопје бараат итно да го разгледа случајот, да побара целосна информација од надлежните служби и да обезбеди средба со претставниците на станарите и со одговорните за проектот

0

Жителите на станбениот комплекс на улицата „Антон Попов“, број 1, во Скопје, бараат итно вклучување на Град Скопје и на надлежните институции во преиспитувањето на проектното решение за булеварот „Македонија“ – фаза 2, во делот на влезот во планираната подземна сообраќајница.

Според нив, проектот непосредно засега комплекс со над 200 стана, приближно 800 жители и околу 20 деловни субјекти.

– Градежните активности веќе се одвиваат, а и покрај повеќемесечната официјална комуникација со Град Скопје, остануваат неодговорени клучните прашања за безбедноста на зградите, сопственичките односи, пристапот до домовите и губењето на постојниот паркинг-простор – реагираат жителите.

Станарите не се противат на изградбата на современа градска инфраструктура, но бараат да се реализира со целосно почитување на безбедноста, сопственичките права и на основните услови за нормално живеење.

Нивна најголема загриженост е планираниот длабок ископ непосредно до станбениот комплекс. Тие бараат копија од проектната и од техничката документација за да можат, на сопствен трошок, да ангажираат независни овластени стручни лица, кои ќе ги проценат влијанието врз темелите и статичката стабилност на зградите.

Жителите додаваат дека Град Скопје во својот одговор навел дека постојат техничка документација и мислење за механичката отпорност, стабилноста и за сеизмичката заштита. Сепак, тие велат дека досега не им е овозможен соодветен пристап до документите потребни за независна проверка на конкретното влијание врз комплексот.

Ја бараат целосната документација за геомеханичките истражувања, заштитата на градежната јама, фазите на ископ и мониторингот на околните објекти, како и независна ревизија на влијанието врз зградите.

Дополнително, жителите укажуваат и на тоа дека дел од земјиштето опфатено со проектот е предмет на судски спор за сопственоста.

– Со првостепената пресуда на Основниот граѓански суд Скопје, е утврдена ништовност на договорот за физичка делба на недвижен имот од 3.4.2013 година. Пресудата е предмет на жалбена постапка пред Апелациониот суд Скопје – потенцираат тие.

Според информациите со кои располагаат, во меѓувреме се презеле и активности поврзани со експропријацијата на дел од тоа земјиште. Затоа бараат надлежните да ги разјаснат правната основа за постапувањето со спорните парцели, статусот на експропријацијата и правата на засегнатите лица.

Исто така, се жалат и за тоа дека не им е презентирано ниту целосно, трајно и прописно сообраќајно решение за пристап до комплексот. Тие нагласуваат дека останува неразјаснето како ќе пристапуваат до домовите, подземните и надземните паркиралишта и како ќе се обезбеди непречен пристап за противпожарните возила, Брзата помош и за другите интервентни служби во текот на изградбата и по пуштањето на булеварот во употреба.

– Најавените технички приспособувања не се доволни без јасно проектно решение, со конкретни димензии, режими на движење и образложена усогласеност со важечката урбанистичка документација и со безбедносните стандарди – сметаат жителите.

Тие наведуваат дека со проектот се предвидува и зафаќање на значителен дел од просторот кој го користат станарите со години за паркирање и пристап и во кој вложувале сопствени средства. Потенцираат дека досега не им е презентирано целосно заменско решение. Бараат точен приказ на паркинг-местата што ќе се загубат и конкретен план за нивна замена во непосредна близина.

На 23.7.2026 година, жителите доставиле официјален приговор и барање за запирање и преиспитување на проектот. Од Секторот за сообраќај од 7.9.2026 година одговориле дека постојат проектна документација, планска основа и одобрение за градење, но не се разрешени сите нивни конкретни барања. И покрај дополнителното обраќање преку правните застапници, суштински одговори и целосен увид во документацијата сè уште немаат.

Затоа од Советот на Град Скопје бараат итно да го разгледа случајот, да побара целосна информација од надлежните служби и да обезбеди средба со претставниците на станарите и со одговорните за проектот. Воедно, бараат: копија од проектната и од техничката документација и независна стручна проверка на влијанието врз комплексот; разјаснување на сопственичките односи и на правната основа за активностите на спорното земјиште; трајно и прописно решение за пристап до домовите, паркиралиштата и за интервентните служби; конкретно заменско решение за паркинг-капацитетот што ќе биде загубен; итно институционално постапување и суштински дијалог со засегнатите жители.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ