Грчкиот кошаркарски стручњак, Димитрис Итудис, откри досега непознати детали за почетокот на својата долгогодишна соработка со Жељко Обрадовиќ, со кого помина дури 13 години во Панатинаикос. Во поткастот „X&O’s CHAT“, тој се потсети на 1999 година, кога доби понуда што му ја обележа тренерската кариера, но и на исклучително тежок семеен момент во тој период.
Неговиот татко тогаш доживеал срцев удар и три дена бил на интензивна нега. Токму во тие моменти се одвивале разговорите за неговото приклучување кон стручниот штаб на Обрадовиќ, а клучна улога во целата приказна имал легендарниот Душан Ивковиќ.
- Жељко ме повика во еден хотел во Солун и ми рече: „Имаме понуда, би сакал заедно да одиме во Панатинаикос“. Душан беше со нас и разговаравме за тоа – раскажа Итудис.
Грчкиот стратег откри дека потоа отишол кај својот татко и го прашал докторот дали може да му соопшти добра вест, надевајќи се дека ќе му помогне тоа во тешките моменти.
- Му кажав на татко ми и тој се израдува за мене. Нашата приказна почна на 23 јуни 1999 година – откри Итудис, објаснувајќи дека токму тој момент му останал длабоко врежан во сеќавањето.
Тој зборуваше и за својата тренерска филозофија, откривајќи колку многу значи деталната анализа на противниците. Во времето кога ја почнуваше кариерата, немаше современи компјутерски програми, па натпреварите ги анализирал рачно, гледајќи касети и запишувајќи ги сите детали.
- Морав да анализирам по десет натпревари од противникот. Понекогаш имав чувство дека го познавам подобро отколку неговиот сопствен тренер. И денес не можам да влезам на натпревар ако не сум целосно подготвен – објасни Итудис.











