Нашето здравје е директно поврзано со нашата душевна состојба. Кога сме под силно влијание на негативните емоционални искуства, тогаш во нашето тело се случуваат промени, кои го дисхармонизираат нашето здравје и ги ослабуваат неговите особини. Емоционалната несигурност и стресот се тесно поврзани. Тие неповолно влијаат на психичкото здравје и на имунитетот.
Некои од симптомите на стресот се: расеаноста, хроничниот замор, губењето на апетитот, слабата меморија, таканаречената психосоматска болка во главата, грбот, стомакот итн. Хроничниот стрес може да предизвика раздразливост, депресија, несоница и емоционална нестабилност.
Причини за овие психофизички состојби се актуелните стресови и трауматичните искуства од минатото, кои, според одредени научници, може да се протегаат наназад, дури и кога сме биле во утробата на мајката. Постојаниот страв, раздразливоста и вознемиреноста не се производ на случајноста, туку имаат своја причина и се манифестираат низ одредена последица. За почеток, треба да прифатиме дека имаме проблем и да зборуваме за нештата што нè измачуваат. За да разбереме некој факт, мораме да му погледнеме в очи, а не да бегаме од него. Потиснувањето на проблемот нема да придонесе за негово надминување.
Неискажаните зборови во однос на некои проблеми создаваат предиспозиција за појава на болест, бидејќи негативната емоционална фреквенција се интегрира во клетките. Според одредени истражувања, оние што не се искажуваат, страдаат од нарушување на тироидната жлезда, која е поврзана со звучната чакра (петтиот енергетски центар). На интровертните личности им се препорачува да го изразат тоа што го мислат или чувствуваат преку пишан збор или преку уметнички дела.
- Состојбата на духот влијае врз здравјето на телото
Потиснатата лутина, инаетот и тврдоглавоста може да создадат проблеми со ʼрбетниот столб, колената и со коските. Фрустрацијата поради невозвратената љубов и хроничниот страв влијаат негативно врз функционирањето на бубрезите. Тагата, пренагласеното чувство на вина и моралната одговорност за своите постапки се карактеристични за белите дробови. Лицата што подолг период се тажни и вознемирени, чувствуваат стегање во пределот на градите, склони се кон напади на астма, чести настинки и имаат проблеми со кожата. Константната нервоза и раздразливоста доведуваат до нарушување на функцијата на црниот дроб. Илузиите, емоционалната несреденост и менталната хаотичност создаваат проблеми со синусите, ушите, вратот и со видот.
Силната подложност на стресогени фактори ја зголемува активноста на митохондриите на клетките. Организмот како целина станува хиперактивен. Таквата состојба може негативно да влијае на човечката животна енергија. Според феноменот „размена на енергија“, кога му е потребен на некој дел од телото поголем доток на енергија, тогаш енергијата се обезбедува од другите органи или структури на телото. Затоа лицата што се под удар на постојани стресови, чувствуваат голема психофизичка истоштеност, несигурност, расеаност и болешливост.
Постои голема поврзаност помеѓу умот и телото. Во својата книга „Кога телото кажува не“, Габор Мате објаснува дека негативните чувства (особено лутината и тагата) длабоко влијаат на ризикот од добивање рак. Нашето тело слуша сè што зборува нашиот ум. Умот и имунолошкиот систем се тесно поврзани, а човечкиот организам претставува складиште за неразрешени емоции, кои ако не се надминат, создаваат слабост на организмот.
Научно е докажано дека стресот влијае на духот, умот и на телото на човекот. Премногу јакиот стрес прекуноќ може да создаде бели влакна или, пак, опаѓање на косата бидејќи ги нарушува нејзините клетки. Одредени проблеми со кожата (псоријаза, егзема, дерматитис) може да бидат последица на стрес. Стресот може да иницира и формирање брчки на лицето, познати како „линии на загриженоста“. Кога сме вознемирени, тажни и нерасположени, несвесно се муртиме, што создава брчки на челото. Од друга страна, темните и големи подочници неретко се знак за ненаспаност, како последица од стресен период.
Ако константно чувствуваме психофизичка (енергетска) слабост, тогаш стануваме подложни на разни болести. Психофизичката отпорност на организмот слабее ако опстојуваме во услови на хроничен стрес или, уште полошо, сме во исчекување на лоша ситуација. Тоа прави нашето тело да биде во постојана будност (што прави телото и умот да немаат време да одморат).
Континуираните страв, анксиозност и напнатост го уништуваат телото и може да предизвикаат висок крвен притисок, срцеви заболувања, дијабетес, рак итн. Според Сергеј Лазаров: „Лицата што заболуваат од рак, по правило, искажуваат големо жалење поради минатото“. Тој смета дека причинител за одредени болести е потсвесната агресивност. Кога се ослободувале пациентите од таа состојба низ проштавање и покајание, се повлекувала и болеста. Ако човекот не сака да се менува и да го подобрува својот карактер, тешко дека покајанието и проштавањето ќе му бидат од помош во подобрувањето на здравјето. Проштавањето значи да ѝ се спротивставиме на внатрешната желба да го уништиме тој што нè повредил.
- Сознание за слабостите
Во својата книга „Регенерирај се“, Сејер Џи наведува дека доктор Марио Мартинес преку методот биокогниција (сознание за животот) одиграл клучна улога во креирањето семантичка основа за начинот на кој може психичкиот и душевен стрес да доведат до болест. Тој опишува како се вкоренети трите архетипски трауми: срамот, чувството на напуштеност и стравот во настанокот на различни болести. На пример, срамот може да биде производ на вознемирување, малтретирање, осуда, критики, исмејување и чувство на вина, а со оглед на понижувањето, се манифестира како проинфламаторен фенотип, карактеристичен за автоимуните болести. Предавството се поврзува со прекршените ветувања, неверството и со чувството на злоупотреба, создавајќи силна лутина и реакција „бори се или бегај“. Таквата состојба произведува лачење високи нивоа на адреналин и кортизол и отвора можност за кардиоваскуларни заболувања. Стравот од напуштање настанува поради занемарување, недостиг на поддршка и чувството на „невидливост“. Тој се манифестира низ несигурност, тага и постојана вознемиреност и честопати е поврзуван со малигните заболувања. Меѓутоа, ако негуваме позитивен пристап кон животот, ако работиме на зајакнување на своето биополе и ако чувствуваме почитување наместо срам, приврзаност наместо чувство на напуштеност и верност наместо предавство, ќе успееме да ги промениме своите невронски мапи и да ја хармонизираме својата психофизичка состојба.
Квантниот модел на објективната стварност зборува дека ако сакаме да ги хармонизираме нашата душа и нашето тело, треба да ги промениме начинот на размислување, емоционалното реагирање и афективното однесување. Со константно искажување и практикување афирмации, може да создадеме ново посреќно Јас.
Треба да работиме на креирање здрави навики, да вложуваме во подигањето на енергијата и на позитивната инспирација. Сузан Смит Џонс во книгата „Факторот радост“ нуди седум совети: движете се; медитирајте и дишете длабоко; консумирајте храна што го извлекува стресот од вашиот дигестивен систем; телото постојано нека ви биде хидрирано; убаво наспијте се; смејте се; негувајте однос на благодарност.
Во ајурведата (древна индиска медицинска метода), општоприфатено е дека само здравиот ум е извор и причина за здраво тело.
Според холистичката медицина (целокупен пристап до здравјето), предвид треба да се земат сите аспекти од животот, начинот на исхрана, физичката активност, личните проблеми, емотивната состојба, наследните болести итн. Исцелувањето е можно ако комплементарно се работи на надминување на проблемот. Затоа, покрај грижата за телото, човекот треба да работи и на зајакнување на својот дух.
За да не се загубиме во денешното брзо темпо на живеење, треба да најдеме решение за стресогените фактори. Тоа ќе го постигнеме ако најдеме хоби што нè исполнува и одвоиме време за одмор и релаксација. Треба да имаме на ум дека природата, креативните дела, уметноста, молитвата, позитивните лица, позитивната цел, смислата и визијата се вредности што им се потребни на нашето тело и на нашата душа.
(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












