недела, ноември 15, 2026
Дома СВЕТ Демонстрантите со пиротехника и отпор, полицијата со сила: Тупаници и клоци на...

Демонстрантите со пиротехника и отпор, полицијата со сила: Тупаници и клоци на протестот во Берлин, 20 уапсени/ВИДЕО

0
Foto: Printscreen/X

Во Берлин дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата за време на протест на млади луѓе кои се спротивставуваат на плановите за повторно воведување на задолжителниот воен рок и за намалување на средствата за образование и социјални програми.

Досега се приведени 20 лица, а поднесени се 28 кривични пријави, пренесува германскиот јавен сервис „Тагесхау“ (Tagesschau).

Протестот беше организиран во саботата, на 14 ноември, од иницијативата „Gen Z regelt“ („Генерацијата Z ги зема работите во свои раце“), која обединува млади луѓе незадоволни од политиките на германската влада. Според проценките на полицијата, околу 1.200 демонстранти марширале низ улиците на Берлин, иако првично биле пријавени само 100 учесници, наведува „Тагесхау“.

Собирот започна околу 17:00 часот на плоштадот Савиниплац (Savignyplatz), од каде што демонстрантите се упатија по познатата берлинска улица Курфирстендам (Kurfürstendamm) кон железничката станица Халензе (Halensee), каде што протестот заврши во раните вечерни часови.

Според полицијата, инцидентите започнале уште пред почетокот на протестниот марш, кога некои учесници се обиделе да пробијат полициски кордон. Полициските службеници го спречиле тоа преку физичка интервенција.

Дополнителни судири се случиле за време на протестот, при што некои демонстранти користеле пиротехнички средства. Полицијата соопшти дека, при апсењата, одредени учесници пружале отпор и физички ги нападнале полицајците, кои возвратиле со туркање, удирање со тупаници и клоци.

За обезбедување на протестот биле распоредени приближно 700 полициски службеници. Според официјалните податоци, најмалку тројца полицајци се здобиле со повреди; не беа дадени информации за евентуални повреди кај демонстрантите.

Полицијата поднесе 28 кривични пријави поврзани со нарушување на јавниот ред и мир, физички напади, давање отпор кон службени лица и прекршување на прописите за експлозивни материи.

Покрај противењето на плановите за повторно воведување на задолжителен воен рок, демонстрантите протестираа и против лошата состојба на училишните објекти, кратењето на средствата за универзитетите и социјалните програми, како и против порастот на трошоците за живот.

Иницијативата „Gen Z regelt“ бара зголемени инвестиции во образованието, посилни мерки за заштита на климата и конкретни чекори за ублажување на финансискиот притисок врз граѓаните.

На протестниот марш се приклучија и пропалестински активисти. За време на собирот се извикуваа пароли против Израел и германскиот канцелар Фридрих Мерц, а полицијата наведе дека во неколку наврати се слушале и пароли насочени против полициските сили. Организаторите најавија европски младински штрајк за 20 ноември, за кога се очекуваат значително помасовни собири.

ИЗДВОЕНИ