Додека Бразил се обидува да ја освои својата шеста светска титула, претседателот на Бразилската фудбалска конфедерација, Самир Ксауд, се најде во центарот на скандал што ја бранува спортската јавност.

Бразилските медиуми објавија фотографија на која е снимен Ксауд во ресторан на Менхетен, Њујорк, во друштво на жена за која се тврди дека е негова љубовница. Станува збор за фитнес-тренерката Кристина Андраде, со која бил забележан во пријатна атмосфера додека вечерале и уживале во скапо вино.

Фотографијата предизвика бројни реакции, бидејќи Ксауд веќе две децении е во брак со Наталија Лопес, со која има три деца.

Сепак, приказната не завршува само на приватниот живот. Новинарот Лео Дијас, кој прв ја објави фотографијата, тврди дека аферата има и финансиска димензија.

Според неговите информации, патувањето во Соединетите Американски Држави наводно било финансирано со средства на Бразилската фудбалска конфедерација, а во трошоците биле вклучени и сопругата и жената со која бил фотографиран Ксауд.

Овие обвинувања дополнително го зголемија притисокот врз првиот човек на бразилскиот фудбал, кој засега јавно не ги коментира наводите.

Интересно е што тој по професија е доктор. Во младоста бил голман и се обидувал да изгради фудбалска кариера, но подоцна се насочил кон медицината и менаџментот. Работел како директор на болница во Рораима, а паралелно изградил и успешен бизнис поврзан со спортските тренинг-центри.

Неговиот мандат на чело на бразилскиот фудбал треба да трае до 2029 година, но останува да се види дали скандалот ќе има последици само врз неговиот приватен живот или ќе ја загрози и неговата позиција во една од највлијателните фудбалски организации во светот.

 

ИЗДВОЕНИ