вторник, јуни 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Mакедонска Каменица го почнува проектот „Енергетско ефикасни домови“

Mакедонска Каменица го почнува проектот „Енергетско ефикасни домови“

14

Општина Македонска Каменица, во соработка со Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“, го започнува проектот „Енергетско ефикасни домови“, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност во станбениот сектор и унапредување на условите за домување на граѓаните.

По потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу двете страни, во првата фаза од проектот ќе бидат опфатени колективните станбени објекти, додека по нејзиното завршување се предвидува обезбедување финансиски средства и за субвенционирање на индивидуалните објекти за домување.

– Првиот промотивен настан ќе се одржи на 18 јуни, со почеток во 11:30 часот, во Домот на културата во Македонска Каменица, каде што на граѓаните, претставниците на куќните совети и на управителите на станбените згради детално ќе им биде презентирана постапката за реализација на проектот – информираат од Општина Македонска Каменица.

Презентацијата ќе ја одржат градоначалничката на Општина  Каменица, Соња Стаменкова, претставниците на општинската администрација и претставниците на Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“.

Од Општината соопштија дека за реализација на проектот ќе бидат издвоени рекордни средства на државно ниво, наменети, главно, за реконструкција на покривни конструкции и за изградба на енергетски ефикасни фасади на станбените објекти на подрачјето на Македонска Каменица.

Со спроведувањето на проектот, локалната самоуправа очекува да придонесе за намалување на потрошувачката на енергија, подобрување на енергетската ефикасност на станбениот фонд и за зголемување на квалитетот на живот на жителите на Општината.

 

ИЗДВОЕНИ