Пратка од 19.350 килограми јаболка од Македонија е запрена во Бугарија, откако лабораториските анализи покажале присуство на остатоци од пестициди над максимално дозволените граници. Според информациите објавени од Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ), јаболката не ги исполнуваат условите за безбеден увоз и продажба, поради што нема да можат да бидат пласирани на бугарскиот пазар.
Случајот предизвика реакции кај македонските земјоделци, кои бараат одговор од надлежните институции и се сомневаат дека станува збор за политички мотивирана одлука со цел заштита на бугарското домашно производство. Тие прашуваат како е можно македонските јаболка да бидат одбиени во Бугарија, а истовремено без проблем да се извезуваат на рускиот пазар. Дополнително, отвораат прашање и за контролата на увозот на производи од Италија, за која тврдат дека користи двојно повеќе пестициди.
– Како земјоделски производители, одговорно тврдиме дека во нашата држава се користат исклучиво препарати што се на зелената листа на Европската Унија и ги исполнуваат строгите критериуми за безбедност на храната. Како може производите од Италија, кај кои има поголеми количества пестициди, да се увезуваат во Бугарија, а нашите да се враќаат? Тука станува збор за чиста политика од Бугарија, која го штити домашното производство, вели за весникот ВЕЧЕР еден овоштар.
Тој додава дека, дури и ако е утврдена зголемена концентрација на пестицид, станува збор за препарат што е дозволен за употреба. Земјоделците, сепак, тврдат дека македонските земјоделски производи се безбедни и дека ваквите случаи можат да го нарушат нивниот углед на странските пазари, но и довербата на домашните потрошувачи.
Овоштарите бараат реакција од институциите и објаснување зошто македонските земјоделски производи се враќаат од Бугарија, особено ако се има предвид дека претходно беше вратена и пратка со пиперки. Воедно, бараат да се најдат алтернативни пазари за извоз, со цел да се намали зависноста од бугарскиот пазар.
Како аргумент во прилог на своите тврдења, производителите го посочуваат извозот на македонски јаболка во Русија, прашувајќи зошто таму нема пречки, додека во Бугарија се одбиваат. Тие тврдат и дека македонските земјоделски производи ги исполнуваат регулативите за безбедност на храната на пазарите во Европската Унија.
– Државата треба да реагира, затоа што на овој начин се нарушува угледот на државата и се нанесува директна штета на македонските земјоделски производи, реагираат производителите.
Сепак, еден ваков случај, сам по себе, не е доказ дека целокупното македонско земјоделско производство е небезбедно, ниту е оправдано сомнежот за една пратка да се пренесе врз сите производители. Затоа, одговорот на институциите треба да биде конкретен и транспарентен. Потребно е да се соопшти кој ги извршил фитосанитарната и лабораториската контрола во Македонија, какви резултати биле добиени, врз основа на што бил одобрен извозот и како се случило бугарската контрола да утврди недозволено ниво на форметанат.
Земјоделците не бараат прикривање на евентуалните пропусти, туку нивно откривање и отстранување. Од ефикасноста на контролниот систем зависи и угледот на македонските производи. Производителите ја одгледуваат храната, но институциите се тие што треба да гарантираат дека контролите функционираат и дека производите што се извезуваат ги исполнуваат пропишаните стандарди.
(А. С.)












