недела, август 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Штипските доброволци пожарникари ќе добијат заштитна опрема од Америка

Штипските доброволци пожарникари ќе добијат заштитна опрема од Америка

23

Пожарникарите доброволци од Доброволното противпожарно друштво (ДПД) – Штип, кои функционираат веќе втора година, деновиве очекуваат да им пристигне донација од Америка.

Димитар Ташков, командир на ДПД – Штип, вели дека сами ја обезбедиле донацијата и дека таа се состои од заштитна опрема.

– Преку приватна линија, успеавме да обезбедиме донација од Америка. Очекуваме да пристигне неделава. Веќе е на царина. Пристигнат е контејнерот со опрема и се надеваме дека неделава ќе ја преземеме. Треба да добиеме од 60 до 80 униформи со боци, шлемови и чизми за оган – вели Ташков. 

Доброволците пожарникари изминатите денови, при гаснењето на пожарите над населбата Кадидаре и во викенд- населбата Кумлак, беа рамо до рамо со пожарникарите од ТППЕ – Штип. Поради непристапниот терен, нивните теренски возила беа користени за брзо да се пристигне до местата каде што беше огнената стихија. Ташков вели дека ДПД – Штип веќе има над 30 члена и секој граѓанин што има интерес да стане нивни член, слободно може да се приклучи.

– Секој што сака да помогне во гаснењето пожари, за доброто на нашиот град, е добредојден во друштвото. Вратите се отворени за секој што има желба – рече Ташков. 

Инаку, поголемиот дел од членовите на ДПД се и членови на оф роуд друштвото, кое години наназад им помага на пожарникарите при интервенциите во планински предели и на непристапни терени.

 

ИЗДВОЕНИ