Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, излегува од затворот Шутка и ќе се брани од слобода, откако Кривичниот совет при Основниот суд Скопје ја прифати гаранцијата од 1.140.781 евра, понудена во недвижен имот. Судот ја укина мерката притвор, но на Бајрами му определи дополнителни мерки за претпазливост за да го обезбеди неговото присуство во судската постапка. Одлуката е донесена по предлог на одбраната поднесен на 14 октомври годинава. Според соопштението на Судот, Бајрами ќе мора да ја предаде патната исправа, нема да смее да добие нов документ за преминување на државната граница и ќе има обврска редовно да се јавува во судот.
„Имајќи ги предвид сите околности, Советот ја прифати понудената гаранција, а со цел обезбедување на присуството на обвинетиот во текот на судската постапка, истовремено му определи и дополнителни мерки за претпазливост“, соопшти Кривичниот суд.
Јавниот обвинител не се жалел на одлуката. Бајрами нема веднаш да го напушти затворот. Судот наведува дека ослободувањето ќе следува откако гаранцијата ќе биде обезбедена со впишување хипотека во Катастарот на недвижности.
Бајрами се јави во затворот на 9 септември годинава, откако избега уште пред да биде отоврена истрагата. Притворот му беше определен по неговото предавање на границата Блаце.. Според Судот, законскиот рок за траење на притворот во овој предмет истекува на 8 ноември.
Тој е првообвинет во случајот „Државна лотарија“, во кој заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште шест лица е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот предлог, со спорните дејствија била предизвикана штета од околу 9,7 милиони евра. Сите обвинети се изјаснија дека не се виновни.(П.А.)












