Во македонскиот КИЦ во Загреб е поставена изложбата „Архивски документи“ на светски признатата македонска уметница, Жанета Вангели. Во присуство на македонскиот амбасадор, Н.Е. Драган Ѓурчевски, и бројни гости, изложбата ја отвори македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, која беше во официјална посета на Хрватска.

– Преку специфичниот визуелен јазик и концептуален пристап, Вангели уште еднаш потврдува дека македонската културна сцена има што да му понуди на европскиот културен простор. Оваа изложба не е само уметничко доживување туку и длабоко промислување на историјата, идентитетот и меморијата. Ваквите настани се потврда за моќта на културната дипломатија. Македонскиот КИЦ во Загреб продолжува да биде наш најдобар амбасадор, место каде што македонскиот дух и креативноста се среќаваат со пријателската хрватска јавност – истакна Сиљановска-Давкова.

Ова е прво претставување на Вангели пред хрватската публика, со вкупно 41 дело изработени во техниката принт на плексиглас и придружни аудиоматеријали. Проектот е замислен како патувачка изложба, која ќе биде поставена и во културните центри во Белград, Истанбул и во Софија, поддржана од Министерството за култура и туризам.

Изложбата во македонскиот КИЦ во Загреб ќе биде поставена до 10 април.

ИЗДВОЕНИ