Српскиот борец Марко Бојковиќ ја оствари најголемата победа во својата кариера и тоа во Скопје, откако за само 48 секунди го нокаутираше Лом-Али Ескиев на спектакуларниот ФНЦ-настан, кој викендов се одржа во СЦ „Борис Трајковски“.

Србинот со прецизно кроше го совлада Германецот, а потоа зададе уште еден удар, по што судијата ја прекина борбата и му го додели шампионскиот појас во лесна категорија.

Сепак, покрај спектакуларниот нокаут, најголемо внимание привлече емотивната изјава на новиот шампион, кој испрати порака за единство до народите од регионот.

  • Патот беше тежок. Моето семејство и мојот тим знаат низ што сè поминавме. Немам веќе лигаменти, а коленото ми е оштетено уште од претходните борби, но издржав. Прогнозите беа дека нема да можам да се подготвам за овој меч, но успеавме да најдеме начин, откри Бојковиќ.

Тој се осврна и на критиките со кои се соочувал во изминатиот период, особено во својата татковина, Србија.

  • Се обидоа да направат луѓето во мојата земја да ме мразат, но не успеаја. Секогаш ќе се борам за Србија. Но и за целиот регион – Хрвати, Босанци, Македонци, Срби, Црногорци, Словенци. Сите сме браќа, порача новиот шампион, испраќајќи силна порака од октагонот во Скопје.

Бојковиќ не ги заборави ниту луѓето кои биле покрај него во најтешките моменти, нагласувајќи дека неговиот тим му помогнал да се врати и покрај сериозните проблеми со коленото.

  • Што и да се случува во животот, никогаш не им вртете грб на блиските луѓе кои биле со вас од самиот почеток, истакна српскиот борец.

За Бојковиќ ова беше 11. професионална победа, со која се врати на големата сцена по два тешки порази. Сега пред него се отвораат нови можности, а веќе се зборува и за потенцијален реванш со Милош Јаничиќ.

Но, покрај освоениот појас и брзиот нокаут, неговите зборови во Скопје оставија посебен впечаток. Во момент кога спортот повторно ги спои борците и навивачите од регионот, Бојковиќ испрати порака дека ривалството во кафезот не мора да значи поделби надвор од него.

  • Сите сме браќа, порача новиот шампион, а вечерта во Скопје, за нас Македонците, ќе остане запаметена и по спектакуларната победа на Даниела Алексовска која со доминантен настап ја совлада Гркинката Мина Хаѕопулу и уште еднаш го потврди својот голем потенцијал.

ФОТО: FNC

ИЗДВОЕНИ