Општина Крива Паланка го заврши процесот на изработка на Зелениот катастар, современ систем за евидентирање, следење и управување со зелените површини и дрвенестите растенија во урбаните делови на градот.
– Во рамките на овој процес беше спроведено сеопфатно теренско снимање, при што се евидентирани над 5.000 дрвенести растенија на територијата на урбаниот дел. Податоците се обработени преку софтверско и хардверско идентификување, со активно учество на стручните служби од Општината и на ЈП „Комуналец“ – информираа од локаната самоуправа.
Притоа, додаваат дека Зелениот катастар обезбедува сеопфатни и детални податоци за типот, обемот, состојбата и за местоположбата на зеленилото.
– Овој систем претставува значајна основа за негово одржување, заштита и понатамошен развој, како и за креирање квалитетна стратегија за развој на зеленилото – потенцираат од Општината.
Изработката на Зелениот катастар е реализирана во рамките на проектот „Паркс“, финансиран преку ИПА-програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, со поддршка од Европската Унија.
Во рамките на проектот „Паркс“ реализирани се повеќе активности, меѓу кои: изградба на урбан зелен парк во Крива Паланка и Дупница; поставување сензор за мерење на параметрите за квалитетот на воздухот; изработка на зелен катастар за урбаното зеленило во двата града; изработка на педолошка анализа на почвата; подготовка на прирачник за избор и садење дрвца во урбаните средини; имплементација на активностите „Зелени денови“; организација на работилници за размена на знаења, методологии и најдобри практики.
– Со Зелениот катастар, започнуваме нова ера во управувањето со зеленилото во Крива Паланка. Ова е важен чекор за одржливо планирање, подобра грижа за природата и создавање поквалитетна и поубава средина за сите наши граѓани – изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.












