Овој концепт, како што објасни градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, ќе има цел, конечно, да го затвори просторот за „чекање нов закон“, како мотив за нелегално градење, практика што со години го поткопува урбанистичкиот ред. Според него, продолжувањето на роковите се однесува исклучиво на постапките што граѓаните веќе ги почнале во законски предвидениот рок

 

Измените што се однесуваат на продолжување на роковите за управни постапки во Куманово отвораат важни прашања за правната сигурност на граѓаните, но и за долгорочната политика за справување со дивоградбите, информираше градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

На последната седница на Советот на Општина Куманово, тој најави дека, преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), ќе иницира нов закон за легализација со подолг рок, но со суштински различен пристап. Клучниот елемент, според него, е воведувањето државна снимка како основен документ, со што би се поставила јасна временска граница – сè што е изградено по неа, би се третирало како бесправна градба без право на легализација. Овој концепт, како што објаснува Димитриевски, ќе има цел, конечно, да го затвори просторот за „чекање нов закон“, како мотив за нелегално градење, практика што со години го поткопува урбанистичкиот ред.

Според него, продолжувањето на роковите се однесува исклучиво на постапките што граѓаните веќе ги почнале во законски предвидениот рок.

– Оваа мерка не подразбира отворање нова можност за поднесување барања за легализација, со што се избегнува потенцијалниот „нов циклус“ на дивоградби, кој во минатото често се стимулираше со периодични законски олеснувања. Ова не значи нов повик за легализација, туку шанса да се заокружат веќе започнатите постапки –кажа Димитриевски.

Проблемот не е само правен туку и финансиски. Во моментов, според процените на Општината, постојат стотици објекти предвидени за уривање. Сепак, нивното отстранување претставува сериозен товар за општинскиот буџет.

– Доколку продолжиме со истото темпо, ќе трошиме повеќе за уривање отколку за изградба – предупреди Димитриевски.

И покрај административното олеснување за тековните предмети, пораката до граѓаните е јасна: новите дивоградби нема да бидат толерирани. Инспекциските служби ќе продолжат да ги евидентираат сите бесправни објекти, кои нема да може да се вклопат во евентуалните идни законски решенија.

– Дополнително, новите предлози предвидуваат значително повисоки финансиски обврски, плаќање полн износ за комуналии, за разлика од досегашната практика со симболични надоместоци. Со тоа ќе се исправи долгогодишната неправда, каде што легалните градители плаќале значително повеќе од оние што граделе незаконски – додава Димитриевски.

Во Општината од 2011 година, поднесени се вкупно 26.256 барања за легализација, од кои 5.836 сè уште не се решени. Од нерешените предмети, дури 4.308 се некомплетни, што ја отежнува постапката.

 

ИЗДВОЕНИ