Преку изложбата „Љубовници во пандемија“ на проф. д-р Јана Манева-Чупоска, која ќе биде отворена вечерва (27 октомври) во галеријата „Венеција Кунст Депо – Артс спејс Венис“, во Венеција, Италија, македонската визуелна уметност се претставува на меѓународната ликовна сцена. Изложбата е авторски ликовен проект во кој интимноста, љубовта, сеќавањето и човечката блискост се истражуваат низ специфичен визуелен јазик, развиен преку цртежот, фигуративниот израз и експресивната линија.
Во фокусот се односите меѓу личното и колективното искуство, меѓу присуството и отсуството, како и меѓу потребата за блискост и дистанцата што ја наметнуваат кризите на современото живеење.
Преку циклусот дела „Љубовници во пандемија“, Манева-Чупоска ја трансформира интимноста во ликовен простор на емоции, ранливост и лична меморија. Цртежот станува средство за истражување на човечката фигура и односите меѓу луѓето, но и начин да се забележат невидливите психолошки состојби што го обликуваат индивидуалното искуство. Нејзиниот авторски пристап се темели на фигуративен израз, комбинирање различни медиуми и техники и интердисциплинарно
поврзување на визуелното, емоционалното и концептуалното.
Проф. д-р Јана Манева-Чупоска е визуелна уметница, дизајнерка и истражувачка, чиј професионален и творечки ангажман ги поврзува современата уметност, традиционалната култура и истражувањето на културното наследство. Дипломирала сликарство со конзервација и реставрација на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а специјалистички студии по
сликарство и рачно изработено стакло завршила во Прага. Магистерската работа ја посветува на темата „Интимност – откривање на скриеното, криење на откриеното“, додека докторирала во областа на фолклористиката со истражување на естетските и структурните карактеристики на македонската народна носија, со посебен фокус на мијачката носија и нејзините трансформации во современиот моден дизајн.
Манева Чупоска е претседателка на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), каде што се залага за развој на современите ликовни практики, реализација на изложбени проекти и унапредување на
меѓународната културна соработка, а била и професорка, деканка на Факултетот за арт и дизајн и ректорка на Европскиот универзитет во Скопје во периодот 2018 – 2019 година.












