Голем број пациенти со мозочен удар и состојби што му претходат се лекуваат на Клиниката за неврологија во Скопје, каде што нема слободни места за сместување на сите пациенти. Временските промени и температурните разлики дополнително влијаат врз здравјето на хронично болните, кај кои ризикот од кардиоваскуларни компликации е зголемен. Мозочниот удар настапува ненадејно, но лекувањето и закрепнувањето можат да траат долго, а кај дел од пациентите последиците остануваат трајни.
„Има многу инфаркти и мозочни удари поради временските разлики, кои многу влијаат на хронично болните лица. На Клиниката за неврологија нема слободно место од пациенти со и пред мозочен удар. Состојбата доаѓа брзо, но се лекува многу долго и затоа дополнително го отежнува сместувањето. Некои луѓе остануваат инвалиди цел живот. Хоспитализираните се од повозрасната група граѓани. Имаат хронични заболувања, меѓу кои висок крвен притисок, дијабетес, срцева слабост и други кардиоваскуларни состојби. Ни недостасуваат повеќе места бидејќи не лекуваме само мозочни удари, туку и други болести“, вели за весникот ВЕЧЕР директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски.
Загрижува и фактот што возрасната граница на пациентите се намалува. Најмладиот пациент со инфаркт на мозокот бил 16-годишна девојка, а неодамна на Клиниката бил донесен и 37-годишен пациент со мозочен удар.
Божиновски советува граѓаните да ги препознаваат предупредувачките знаци на организмот, редовно да ја земаат пропишаната терапија доколку имаат дијагностицирано заболување и да ги контролираат ризик-факторите. Намалувањето на стресот и редовните здравствени контроли се важни, но улога имаат и генетските предиспозиции и кардиоваскуларните заболувања. Последиците од ковид-19, исто така, се посочуваат како фактор што не треба да се занемари.
По повод Светскиот ден на мозочниот удар, Клиниката за неврологија во Скопје организира активности за подигнување на јавната свест за превенцијата, раното препознавање на симптомите и навременото лекување. На 27 октомври, од 10 до 12 часот, на платото пред „Пелистер“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје, граѓаните ќе можат бесплатно да го проверат крвниот притисок, шеќерот и холестеролот во крвта, како и да направат процена на ризикот од мозочен удар. Во вторник, на 28 октомври, од 11 до 13 часот, на Клиниката за неврологија ќе се одржи отворен ден со бесплатни доплер-прегледи на каротидните артерии. Според најавата на Клиниката, прегледите се наменети за сите заинтересирани граѓани, без ограничување на бројот на прегледи во наведениот термин. Централниот настан ќе се одржи на 29 октомври, со почеток во 10 часот, во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. Ќе се разговара за значењето на превенцијата, раното препознавање на симптомите и унапредувањето на здравствената грижа за пациентите.
Мозочниот удар е сериозен јавно-здравствен проблем, а брзото препознавање на симптомите и навременото добивање медицинска помош можат да ги намалат последиците и да спасат човечки животи. При ненадејно искривување на лицето, слабост на раката или нарушување на говорот, веднаш треба да се повика итна медицинска помош. Не треба да се чека симптомите да поминат сами од себе. (П. А.)












