понеделник, октомври 26, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ќе работиме ли четири дена во неделата?

Ќе работиме ли четири дена во неделата?

243

Просечната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во септември изнесувала 58.117 денари, што е за 358 денари или 0,6 проценти помалку во однос на август, но за 1.736 денари, односно 3,1 процент повеќе во споредба со јануари годинава. Ова беше истакнато на седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на која социјалните партнери дискутираа и за неработните денови, работата во недела, можноста за воведување четиридневна работна недела и регулирањето на пензискиот стаж.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, посочи дека целта на новата методологија за пресметка на потрошувачката кошница е да обезбеди објективен, транспарентен и статистички заснован приказ на реалните трошоци на домаќинствата, кој ќе послужи како основа за креирање економски и социјални политики.

– Нашата цел не е да покажеме пониска бројка, туку да обезбедиме проверлива, транспарентна и статистички заснована слика за трошоците на домаќинствата. Податоците треба да ни служат како основа за носење одговорни одлуки и мерки што ќе придонесат за подобрување на животниот стандард и заштита на куповната моќ на граѓаните – нагласи Дурмиши.

Според податоците на Министерството за економија и труд, потрошувачката кошница за септември е намалена за 358 денари во однос на август, но на годишно ниво, односно во споредба со јануари 2026 година, бележи зголемување од 1.736 денари. Министерот посочи дека овие движења ја потврдуваат потребата од континуирано следење на цените и внимателно согледување на притисоците врз семејните буџети.

На седницата беше образложена и новата методологија за пресметка на потрошувачката кошница, која опфаќа 11 категории трошоци и 101 прехранбен производ. Пресметката се заснова на податоци од Државниот завод за статистика за осум градови, информации за цените на овошјето и зеленчукот од 23 пазари, како и податоци од пет големи и три регионални трговски синџири.

Од Министерството посочуваат дека со ваквиот пристап се опфаќаат поширок спектар цени и потрошувачки навики, со цел да се добие порепрезентативна слика за трошоците на домаќинствата во земјата.

Осврнувајќи се на разликите меѓу одделните пресметки на потрошувачката кошница, Дурмиши појасни дека тие произлегуваат од различната структура, опфат и извори на податоци. Најизразени разлики има кај храната и пијалаците, облеката и обувките, образованието, домувањето и комуналните трошоци. Во одредени категории, како одржувањето на домаќинството, рекреацијата и културата, пресметката на Министерството покажува повисоки вредности.

– Различните пресметки не треба да бидат причина за меѓусебно оспорување, туку поттик за конструктивна дискусија и креирање политики засновани на релевантни податоци. Ниту една статистика не може да ја замени реалната грижа за куповната моќ, економската сигурност и достоинствениот живот на граѓаните – истакна министерот.

Покрај потрошувачката кошница, на седницата на Економско-социјалниот совет беа разгледани и прашања поврзани со неработните денови, работата во недела, можноста за воведување четиридневна работна недела и регулирањето на пензискиот стаж.

Дурмиши нагласи дека овие прашања бараат внимателно разгледување, усогласување на различните интереси и активна вклученост на социјалните партнери.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ