Предлог-тарифите за периодот 2027 – 2029 година предвидуваат повисоки просечни цени за водоснабдување, одведување и прочистување на отпадните води во Скопје. Дали тие ќе се одразат врз сметките на граѓаните ќе зависи од конечните одлуки за утврдување на тарифите и дали ќе бидат изгласани од советниците на Град Скопје

Водата за пиење за скопјани би можела да поскапи по Нова година. Според предлог-решението за утврдување на тарифата за снабдување со вода за пиење, односно водоснабдување на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад што е објавено на нивната веб-страница на ЈП „Водовод и Канализација“ –  Скопје му се утврдува просечна тарифа за водната услуга – снабдување со вода за пиење или водоснабдување и тоа за периодот од 2027 до 2029 година. Имено, доколку просечната тарифа за 2027 година остане како што е во предлогот, станува збор за износ од 29,72 кубен метар; за 2028 година од 30,62 кубен метар;  за 2029 година од 31,71 кубен метар.

Ова предлог решение ќе биде разгледувано на подготвителната седница на РКЕ закажана за 30 октомври 2026 година, со почеток во 12 часот.

Домаќинствата во Скопје, во моментов, плаќаат 21 денар за кубен метар вода за пиење. Оваа цена е тарифата што се применува за домаќинствата, а не просечната тарифа што ја утврдува Регулаторната комисија за водната услуга. За споредба, просечната тарифа за водоснабдување на скопското јавно претпријатие за 2026 година е наведена како 25,76 денари за кубен метар. Станува збор за различни тарифни категории.

Доколку Регулаторната комисија ги усвои предложените тарифи, тоа значи дека просечна тарифа за водната услуга – снабдување со вода за пиење или водоснабдување за 2027 година би требало да поскапи за 3,96 денари за кубен метар, но конечната одлука ја носат советниците во Град Скопје, кои можат да го прифатат или минималниот или максималниот износ, или просечната цена, или, пак, целосно да ја отфрлат.  Во тој случај, предложената цена на Регулаторната комисија е конечна.

Истото се однесува и на тарифите за собирање и одведување урбани отпадни води, како и за прочистување на отпадните води, за кои РКЕ, исто така, има објавено предлог-решенија за регулираниот период од 2027 до 2029 година. Според предлог-решението за собирање и одведување на урбани отпадни води, на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје му се утврдува просечна тарифа од 16,84 денари за кубен метар за 2027 година, 17,13 денари за 2028 година и 17,60 денари за 2029 година.

За споредба, во 2026 година тарифата за оваа услуга за домаќинствата изнесува 13,75 денари за кубен метар. Доколку предложената просечна тарифа за 2027 година биде усвоена, таа би била повисока за 3,09 денари за кубен метар во однос на сегашната тарифа за домаќинствата. Сепак, станува збор за споредба на различни тарифни категории, па конечниот ефект врз сметките на граѓаните ќе зависи од одлуката за тарифите што ќе се применуваат на крајните корисници.

Промени се предвидуваат и кај тарифата за прочистување на отпадните води. Според објавениот предлог, просечната тарифа за оваа услуга би изнесувала 1,27 денари за кубен метар во 2027 година, 1,29 денари во 2028 година и 1,32 денари во 2029 година. Во моментов, тарифата за прочистување на отпадните води изнесува 1,05 денари за кубен метар и е иста за домаќинствата и за останатите корисници. Доколку предложената тарифа за 2027 година биде усвоена, разликата во однос на сегашната цена би изнесувала 0,22 денари за кубен метар.

Конечната одлука за тарифите допрва треба да биде донесена. Предложените износи ќе бидат предмет на разгледување во рамките на постапката на РКЕ за утврдување на тарифите за следниот регулиран период. Доколку се усвојат предложените тарифи, промените ќе се однесуваат на трите услуги што се составен дел од комуналниот систем за водоснабдување и управување со отпадните води: снабдувањето со вода за пиење, собирањето и одведувањето на урбаните отпадни води и нивното прочистување.

Тоа значи дека при утврдувањето на конечните цени на трите тарифи за 2027 година ќе биде важно да се разгледа секоја услуга одделно, но и нивниот заеднички ефект врз месечните сметки на скопјани ако бидат изгласани од советниците на Град Скопје.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ