Лидерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска утре треба да се сретнат во Кардиф, за да потпишат заедничка декларација со која се потврдува правото на нивните нации на референдуми за независност. Ова претставува прва ваква заедничка иницијатива на тројцата лидери кои отворено се залагаат за отцепување од Обединетото Кралство, пишува британски „Телеграф“.
На самитот ќе учествуваат премиерите на Шкотска, Џон Свини, на Велс, Рун ап Јорверт, и премиерката на Северна Ирска, Мишел О’Нил. Нив ќе им се приклучи и претседателката на Шин Фејн, Мери Лу Мекдоналд, која истовремено ја извршува и функцијата лидер на опозицијата во ирскиот парламент.
Средбата се одржува во време кога партиите што се залагаат за независност се на власт во сите три нации со деволуирани овластувања во Обединетото Кралство, што се случува за првпат. Плаид Кимру стана најголема партија во велшкиот парламент во мај, СНП ја задржа водечката позиција во Шкотска, а Шин Фејн е на власт во Северна Ирска.
Според „Телеграф“, тројцата лидери ќе потпишат декларација со која се потврдува правото на нивните нации на самоопределување. По средбата, се очекува тие да потпишат и меморандум за разбирање со кој нивните партии се обврзуваат на соработка.
Договорот треба да опфати четири области: економија, енергетика, Европа и меѓународна соработка, како и самоопределување. Сите три партии го застапуваат ставот дека нивните земји во иднина треба да бидат дел од Европската Унија – Шкотска и Велс како нови земји-членки, а Северна Ирска како дел од обединета Ирска. Џон Свини тврди дека сегашната ситуација повеќе не е одржлива.
„За првпат во историјата, Шкотска, Велс и Северна Ирска се предводени од премиери кои ја поддржуваат независноста. Не може да има појасен знак дека статус квото е неодржливо и дека Вестминстер мора да се подготви за иднина по Обединетото Кралство“, изјави тој.
Се очекува средбата дополнително да го зголеми притисокот врз британскиот премиер Енди Бурнам, кој во Парламентот изјави дека би можел да одобри нов референдум за независност на Шкотска доколку постои „јасен консензус“ за тоа. Свини тврди дека Бурнам би можел да влезе во историјата како „последниот премиер на Обединетото Кралство“.
Извор близок до раководството на СНП истакна дека, доколку тој лично бил унионист, би бил „многу загрижен“. Сепак, во писмото до Свини неколку дена подоцна, Бурнам нагласи дека нема да се дозволи нов референдум за независност на Шкотска пред следните парламентарни избори. Тој се повика на изборната програма на Лабуристичката партија од 2024 година, според која партијата не поддржува ниту независност, ниту нов референдум.
Шин Фејн на самитот доаѓа со уште појасна порака, пишува „Телеграф“. Партијата смета дека секоја нација има право демократски да одлучува за сопствената иднина и дека сега е време сериозно да се подготви референдум за обединување на Ирска.
„Обединувањето на Ирска не е некаква далечна аспирација. Работата на изградба на нова Ирска мора да започне веднаш“, изјави извор од Шин Фејн.
Според Договорот од Велики петок, референдум за обединување на Ирска може да се распише доколку постои веројатност дека мнозинството граѓани на Северна Ирска би гласале за напуштање на Обединетото Кралство.
Самитот се одржува само два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп, за време на посетата на Даблин, изјави дека би „сакал да види обединета Ирска“. Тој додаде дека приклучувањето на Северна Ирска кон Република Ирска би било „одлична работа“ и праша: „Како би можело тоа да биде лошо?“
Плаид Кимру, покрај уставните прашања, ќе бара и поголеми фискални овластувања за Велс, вклучително и приходите од имотот на Круната, како и приходите од морското дно на кое се градат ветерни електрани на море. Партијата исто така бара промени во моделот на финансирање за Велс и дополнителни овластувања во однос на полицијата и железницата.
Сепак, засега ниту Шкотска ниту Велс немаат автоматско право самостојно да распишат референдум за напуштање на Обединетото Кралство. Токму затоа, заедничката декларација во Кардиф првенствено претставува политички притисок врз Вестминстер, но и знак дека трите движења за независност одлучиле за првпат да се координираат на највисоко ниво, објавува британски „Телеграф“.












