Најголемата мудрост произлегува од градењето хармонични односи со другите. Квалитетот на животот е во социјалните релации. Колку е квалитетен односот со блиските, толку сме посреќни. Колку пари имаме или немаме е помалку важно. Иако живееме во доба на материјализмот, капиталот треба да биде помалку важен од градењето квалитетни односи со блиските. Многу побитно е како се чувствуваме, со кого се дружиме, колку се надградуваме и каква животна визија создаваме.
Клучно е да бидеме со љубовен партнер со кого духовно ќе напредуваме и ќе создадеме однос исполнет со почит и разбирање. Тоа е лесно да се каже, но тешко е да се оствари. Денес преовладуваат себичните интереси, а ретко се присутни емпатијата, чесноста и приврзаноста. Кога не постои искрен разговор и меѓусебна посветеност во љубовта, тогаш доаѓа до недоверба, себичност и отуѓеност.
Треба да преиспитаме какви емоции споделуваме со партнерот и дали проектираме страв и недоверба во односот. Емоционалните и психички кризи најчесто произлегуваат од неразрешените трауми и од потиснатото незадоволство. Повеќето стравови се производ на личното чувство на несигурност и на убедувањето дека не го добиваме тоа што го заслужуваме. Наместо постојано да размислуваме за нештата што ни недостигаат, многу е побитно да бараме решение за излез од кризата. Така, фокусот нема да биде ставен врз причината (болката), туку врз последицата (лекот за болката).
- Состојбата во која се наоѓа нашата душа (потсвест) влијае врз нашиот пристап кон животот
Тоа што го чувствуваме е исто така битно, како и тоа што го мислиме и зборуваме. Немирот во душата кажува дека треба да најдеме решение за чувството на вознемиреност и несигурност. Преокупирањето со лошото ќе предизвика да се чувствуваме уште полошо. Патот кон мирот и хармонијата произлегува од ослободувањето од стравот и малодушноста. Треба да го промениме кодот на размислување и да го програмираме умот со мотивациски алатки што ја подигаат и ја хармонизираат нашата самодоверба. Последиците од болните животни искуства можеме да ги надминеме само доколку ги промениме најдлабоките уверувања за самите себе. Тоа подразбира елиминирање на емоционалниот отров и фокусирање на сопствената самовредност.
Не е добро ако проектираме негативни мисли кон луѓето кои неубаво се однесувале кон нашата личност. Кога ќе се ослободиме од емоционалниот набој што го имаме кон одредена личност (на работа, во семејството или во односите), внатрешната тензија постепено ќе стивне. Енергетскиот набој ќе постои сѐ додека реагираме фрустрирано и нервозно во релацијата. Откако ќе престанеме да се полниме со емоционален отров, тогаш поразумно ќе постапуваме и ќе најдеме решение за последиците од лошиот однос. Ќе станеме рамнодушни, нема да трошиме енергија на негативни личности и нема да се изместуваме поради нивните зборови и постапки. Клучно е да го ослободиме нашето биополе од сѐ што ги напаѓа нашите емоции.
Според законот на спиритуалната еволуција, душата мора да помине низ разни искушенија, борби, кризи и ограничувања. Проблемите и ограничувањата во односите со другите луѓе имаат за цел да нѐ направат посвесни за негативните, но и благодарни за позитивните релации.
Ограничувањата најчесто потекнуваат од погрешните убедувања и верувања. Единката што на потсвесно ниво е убедена дека е безвредна и неспособна, ќе привлече лица кои ќе ѝ го потврдат тоа верување. Одредени психолози утврдиле дека нѐ привлекуваат луѓе кои со своето однесување ги „оживуваат“ нештата што не функционирале во нашето детство. Затоа, несвесно се „налепуваме“ на партнер што наликува на родителот од спротивен пол.
Зошто избираме партнери со карактеристики што не ни се допаѓале кај нашите родители?
Во раното детство најмногу љубов, нежност и внимание сме очекувале од родителите и доколку чувствуваме дека сме биле ускратени на емоционален план, тогаш ќе настојуваме тој недостаток да го компензираме преку партнер што на карактерно (енергетско) ниво наликува на родителот. Пресликувањето на нештата треба да ни помогне да станеме свесни за траумата и да се ослободиме од нејзиното влијание. Проблемите се јавуваат доколку го идеализираме партнерот и сметаме дека тој/таа е решението за сите наши потиснати болки и страдања.
Законот на спиритуалноста вели дека бираме партнери и пријатели со кои сме сродни на енергетски план, со цел заемно да се надградуваме и да учиме значајни животни лекции. Честопати се случува едниот партнер духовно да напредува, а другиот да се уназадува. Дисхармоничноста во енергиите и различните цели ќе предизвикаат пропаст на врската или, пак, ќе креираат однос полн со фрустрација, незадоволство и отуѓување.
Некои спиритуални учења препорачуваат да не го потиснуваме непријатното и болно искуство, туку целосно да се соочиме со трауматичниот однос. Тезата е дека немирот постепено ќе избледи, откако повеќепати ќе го запишеме на хартија или ќе го прикажеме. Психоаналитичката практика препорачува да се осветли (стави пред себе) проблемот за да може успешно да се разреши. На ист начин и траумите ќе го намалат својот непријатен набој ако ги споделиме со блиските, разговараме со терапевт или се исповедаме кај свештено лице.
Целта е да го анулираме непријатното чувство и на негово место да креираме стварност што позитивно ќе влијае врз нашата личност.
- Во животот треба да ги пуштиме, а не да ги држиме во себе нештата што го разнебитуваат нашето битие
Најголеми непријатели на законот на позитивните вибрации се отпорот и недовербата во сопствените вредности. Законот на отпорот нема да нѐ ослободи од болките и страдањата, туку ќе предизвика тие да истраат во нас. Резистенцијата (отпорот) доведува до перзистенција (траење).
Треба да бидеме свесни дека изворот на незадоволството лежи во стравот и малодушноста и дека сѐ е минливо. Во третиот век од нашата ера, стоиците практикувале концепт на негативна визуализација, односно медитација насочена кон работи што сме ги сакале, но сме ги загубиле. Како што напишале Франсекс Миралјес и Ектор Гарсија: Што би се случило кога би ни ги одзеле работата, саканите или домот? Целта на поставувањето вакви прашања не била тие да предизвикуваат тага, туку да научиме да го цениме она што го имаме.
Кон животот треба да пристапиме со страст, волја и мотивација и да разбереме дека единствено нешто врз кое можеме да влијаеме е мигот на сегашноста. Свеста треба да ни биде насочена кон сѐ што можеме да направиме денес, без премногу да копнееме по минатото или да се преокупираме со иднината.
Како што напишала медицинска сестра за палијативна нега, Брони Вер: „Пациентите кои се на умирање најмногу жалат што немале храброст да живеат како што самите сакале, а не како што другите барале и очекувале од нив“. Вер забележала дека луѓето на смртна постела најмногу жалеле и поради тоа што не биле посреќни; што не останале во контакт со своите пријатели; што не ги искажале своите чувства; што работеле толку напорно итн.
Поуката е дека треба да реализираме или испочитуваме барем дел од своите цели пред да биде предоцна. Не треба да чекаме болеста да затропа на нашите порти, па да сфатиме дека мирот и здравјето се најскапоцените вредности на животот. Треба да уживаме во моментот како да ни е последен! Латинскиот термин мементо мори гласи: „Не заборавај дека ќе умреш“. Неговата порака е дека не треба да го одложуваме уживањето, бидејќи никој не може да знае дали ќе го дочека крајот на денот или дали следното утро ќе се разбуди. Прифаќањето на фактот дека нема да живееме вечно, треба да нѐ насочи кон сопствените вредности и кон сѐ што сакаме и можеме да постигнеме.
(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












