Од ЈСП „Скопје“ кое стопанисува со жичницата велат дека се во тек сите законски предвидени постапки за реализација на редовен сервис на жичницата.

– Безбедноста на патниците е наш приоритет, поради што сите активности се спроведуваат согласно со важечките прописи и технички стандарди – уверуваат од ЈСП.

Засега од претпријатието не може прецизно да го утврдат рокот за завршување на сервисирањето, но очекуваат да биде реализирано најбргу што може, во согласност со законските процедури

 

Скопјани, туристите и другите посетители засега ќе мораат да се снаоѓаат по постојните пристапни патишта за да стигнат до Милениумскиот крст, бидејќи сè уште не е направен сервисот на жичницата на Средно Водно, кој беше најавен од скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Од ЈСП „Скопје“ , кое стопанисува со жичницата, велат дека се во тек сите законски предвидени постапки за реализација на редовен сервис на жичницата.

– Безбедноста на патниците е наш приоритет, поради што сите активности се спроведуваат согласно со важечките прописи и технички стандарди – уверуваат од ЈСП.

Засега од претпријатието не може прецизно да го утврдат рокот за завршување на сервисирањето, но очекуваат да биде реализирано најбргу што може, во согласност со законските процедури.

За тоа колку ќе чини сервисирањето на жичницата, од претпријатието наведуваат дека конечната вредност на средствата ќе биде позната по завршувањето на постапките, но и начинот на обезбедување на средствата.

Од ЈСП укажуваат на тоа дека во периодот додека не е жичницата во функција, посетителите на Средно Водно и на Милениумскиот крст може да ги користат постојните пристапни патишта.

На почетокот од минатиот месец, Ѓорѓиевски изјави дека ЈСП и Градот ја очекуваат понудата за сервисирање и „дефектажа“ на жичницата на Водно, за која, по контролата од компанијата изведувач, било констатирано дека е во катастрофално лоша состојба.

– Засега не може да се каже за колку време ќе се направат овие поправки на жичницата и кога повторно би била ставена таа во функција и веднаш штом бидат добиени понудата, цената и временскиот рок за колку би се сработило, јавноста ќе биде информирана – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој тогаш изјави дека безбедноста на граѓаните е приоритет и дека жичницата нема да биде пуштена во употреба додека целосно не се отстранат сите недостатоци и не се обезбедат услови за безбедно користење од страна на граѓаните. Посочи дека инспекцијата на компанијата што ја изградила жичницата била извршена првпат по нејзиното поставување и дека биле утврдени бројни проблеми што бараат сериозен сервис.

Жичницата беше затворена на 25 април, со најава од ЈСП дека нема да работи два дена, но по проверките што ги изврши тимот од австрискиот производител „Допелмаер“, градските власти одлучија да не ја пуштат повторно во сообраќај.

Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена од австриската фирма „Допелмаер“, во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година и чинеше 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП-кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.

(А. П.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ