вторник, ноември 10, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Граѓаните се борат со поскапувањето, а партиите со спротивставено толкување на инфлацијата

Граѓаните се борат со поскапувањето, а партиите со спротивставено толкување на инфлацијата

0

Додека опозицијата обвинува дека владините политики, трошењето јавни пари и недостигот од мерки за поддршка придонесуваат за влошување на животниот стандард, од власта одговараат дека Македонија има пониска инфлација од еврозоната и бележи позитивни економски движења. Но, додека партиите ги толкуваат статистичките податоци од различни агли, граѓаните секојдневно се соочуваат со повисоки трошоци за живот, а од Сојузот на синдикатите предупредуваат дека не се чувствуваат ветувањата за подобар стандард ниту во маркетите ниту при плаќањето на основните сметки.

Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата во октомври достигнала 3,3 проценти на годишно ниво наспроти 2,7 проценти во септември. На месечно ниво, трошоците за живот се зголемиле за 0,4 проценти, додека цените на мало забележале годишен раст од 3,2 проценти. Најголемо годишно поскапување е регистрирано кај транспортот, од 9,5 проценти, рекреацијата, спортот и културата од 8,5 проценти, како и кај алкохолните пијалаци и тутунот од 7,8 проценти. Храната и безалкохолните пијалаци се поскапи за 2,1 процент во споредба со октомври минатата година. Само во октомври, храната поскапела за 0,7 проценти, облеката и обувките за 1,2, а трошоците за домување и за енергенси за 0,3 проценти.

Од СДСМ оценуваат дека овие бројки се потврда за влошување на животниот стандард и ја обвинуваат Владата дека не презема доволно мерки за заштита на граѓаните. Од партијата посочуваат дека семејната потрошувачка кошничка во октомври надминала 70.000 денари, а со вклучена кирија, достигнала околу 90.000 денари, додека минималната плата останува 26.000 денари. Според нивните податоци, околу 180.000 од вкупно 540.000 вработени примаат плата пониска од 31.200 денари. СДСМ ја критикува и Владата за одбивањето на барањето да се зголеми минималната плата на 600 евра, како и за, според нив, недоволните средства во буџетот за поддршка на граѓаните во пресрет на најавеното поскапување на струјата и на парното.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат обвинувањата, оценувајќи ги како политички конструкции и обиди за ширење паника. Од партијата велат дека Македонија бележи економски раст и дека инфлацијата е меѓу пониските во Европа. Како аргумент го наведуваат податокот дека домашната инфлација во октомври изнесувала 3,3 проценти, додека прелиминарната проценка на „Евростат“ за еврозоната покажува стапка од 4 проценти. Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат претходната власт за двоцифрена инфлација и за лошо управување со јавните финансии и велат дека приоритет на актуелната Влада се економскиот раст, повисоките плати, новите работни места и мерките за заштита на животниот стандард.

Сепак, од Сојузот на синдикатите на Македонија предупредуваат дека официјалните показатели за растот на цените мора да се гледаат низ призмата на реалните трошоци на домаќинствата. Иван Пешевски од ССМ вели дека граѓаните не го чувствуваат подобрувањето за кое зборуваат претставниците на власта, бидејќи поскапувањето е видливо при секое купување и при секое плаќање. Според него, надлежните институции треба посериозно да ја следат состојбата на терен, особено цените во маркетите и на становите и да проверат дали се реални тие.

Од Министерството за економија и труд, пак, оценуваат дека октомвриските ценовни движења засега не ја нарушуваат релативната стабилност на пазарот. Оттаму велат дека континуирано ги следат цените, особено на основните прехранбени производи и дека доколку се утврди неоправдано поскапување или дополнителни притисоци врз животниот стандард, ќе се разгледа можноста за соодветни мерки.

Така, иако власта и опозицијата нудат различни толкувања на економските показатели, статистиката покажува дека продолжуваат да растат цените, а трошоците за живот остануваат значаен товар за домаќинствата. Разликата меѓу официјалните стапки на инфлација и чувството на граѓаните за сопствената куповна моќ останува во центарот на дебатата. Прашањето не е само колку изнесува инфлацијата во споредба со другите земји туку и дали се доволни растот на платите и мерките на институциите за да може граѓаните реално да ги покријат основните месечни потреби.

ИЗДВОЕНИ