среда, јуни 24, 2026
Дома LIFE Пријателство и радост во Охрид – децата од регионот учат за духовното...

Пријателство и радост во Охрид – децата од регионот учат за духовното и културното наследство

1

ОСУМДНЕВЕН ДЕТСКИ ПРАВОСЛАВЕН КАМП ВО БАЛКАНСКИОТ ЕРУСАЛИМ

Во текот на престојот и активностите, вкупно 65 деца од Македонија, Србија, Косово и Метохија и од Република Српска се запознаваат со културното и со историското богатство на Охрид. – Последниве три-четири години, работиме на една мисија на поврзување на народите преку нивните духовни вредности, токму преку верата и православието – вели Маја Денковска, претседателка на Здружението „Мир, слога, стабилност“ од Скопје

 

Восхит, возбуда, верба, почит… се гледаа на лицата на десетиците деца додека ги обиколуваа и влегуваа во православните верски храмови на охридското подрачје. Уредно и во ред, тие чекореа кон олтарите откако претходно се прекрстуваа, им припаѓаа на иконите кои ги бацуваа, ги разгледуваа фреските, палеа свеќи, изговараа молитвени зборови… Тие 65 дечиња, кои од завчера престојуваат во Охрид, дојдени се од повеќе земји од регионот – од Македонија, централна Србија, Косово и Метохија, Република Српска, како учесници во православниот детски камп во организација на Здружението „Мир, слога, стабилност“ од Скопје. Идејата е искрена: најмладите да се запознаваат со културно-историските знаменитости на градот Охрид и околината, но и да растат и да се усовршуваат во православната христијанска вера, која е длабоко всадена и во семејствата од каде што потекнуваат.

Кампот, кој ќе трае до 29 јуни, почна завчера со благослов од митрополитот дебарско-кичевски, Георгиј, како и со поддршка од конзулот на Република Србија во Охрид, Михајло Филев. Досега, најмладите и нивните воспитувачи посетија повеќе значајни верски храмови на ова подрачје: црквата посветена на свети Климент Охридски, манастирот „Свети Наум Охридски“, црквата посветена на свети Јован Богослов на охридски Канео, храмот посветен на свети Пантелејмон на охридски Плаошник… Децата не го криеја своето воодушевување од она што го видоа како уметничко, духовно и верско богатство.

Претседателка на Здружението „Мир, слога, стабилност“, Маја Денковска, во изјава за медиумите рече дека и овој камп е организиран со истата основна цел што ја има Здружението. Тоа и во претходните четири години работеше на мисијата на поврзување на народите и на децата.

– Ние, како здружение, последниве три-четири години работиме на една мисија на поврзување на народите преку нивните духовни вредности, токму преку верата и православието. Сметаме дека тоа е мост на пријателство меѓу децата од различни држави и региони, каде што се собираат и дружат преку најразлични работилници, учат за верата и за православието и стекнуваат нови искуства, но и убави спомени, кои ќе го однесат со себе од Охрид. И, се надевам, дека долго ќе остане тоа во нивното сеќавање – потенцира Денковска.

Освен посета на Охрид, ова Здружение досега има водено деца и во манастирот во Острог во Црна Гора, во Тумане во Србија и во бројни српски големи светии: Пеќската патријаршија, Високи Дечани и Грачаница.

– Имаме благослов и од Хиландар и четврта година по ред водиме поклоници на Хиландар. Работиме на нешто што ни е останато, а тоа е вербата во Бога – кажа Маја Денковска, претседателка на Здружението „Мир, слога, стабилност“ од Скопје.

Учесниците на кампот не го кријат своето задоволство од содржината на предвидените активности. Воспитувачката од Љипљан, Оливера Радаковиќ, кажа дека децата со радост се запознаваат со културното наследство на православните христијани.

– Тие сфатија дека сите нив ги поврзува христијанството и дека сите ние сме исти и дека, пред сè, треба да бидеме луѓе, да си помагаме едни на други без оглед на тоа каде се наоѓаме и каде живееме – истакна Радаковиќ.

Во рамките на предвидената програма, во вечерни часови ќе биде одржана ликовна работилница, а по обиколката на светиите, ќе бидат одржани грнчарски, ликовни и фолклорни работилници. Сето тоа, сигурно, создава убава основа за нивното идно растење во православната вера, на што, сигурно, ќе се надоврзат и новите генерации деца што ќе доаѓаат во ваков православен камп во следните години.   (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ