Системот „Безбеден град“, до февруари, треба да се прошири низ целата држава, прво во Струмица, потоа во Штип и Битола. МВР очекува годишно околу 10 милиони евра од сообраќајни казни, од кои четвртина ќе се враќаат во Министерството за унапредување на безбедноста во сообраќајот
Камери за контрола на сообраќајот ќе бидат поставени и на граничниот премин Блаце, а од февруари, полициските автомобили ќе добијат мобилни камери со кои ќе можат да ја мерат брзината на другите возила и да регистрираат прекршоци додека се движат на патиштата. Ова се дел од новините што ги најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на прес-конференција на која ги презентираше резултатите од првата година од примената на проектот „Безбеден град“.
„Ќе се постават куќарки на ГП Блаце за наплата на казните за странските регистерски таблички. Би им препорачал на сите возачи што го користат овој премин да си ја симнат апликацијата да си проверат дали сториле прекршок додека биле на наша територија и побрзо да си ја платата казната да нема застој на граница“, изјави министерот.
Покрај опремувањето на полициските возила, МВР ќе набавува и дополнителни мобилни радари кои ќе се поставуваат на сообраќајните црни точки, односно на местата каде што најчесто се случуваат тешки сообраќајни несреќи. Тошковски објасни дека анализите покажале оти фиксните камери не се доволни за да се постигне посакуваниот превентивен ефект, бидејќи возачите ја намалуваат брзината пред радарите, а потоа повторно забрзуваат.
„Затоа експертите предложија да ги опремиме и постојните полициски возила со системи што ќе можат да ја детектираат брзината на останатите учесници во сообраќајот и додека полициските патроли се движат“, посочи министерот.

Тестирањето на новите камери во полициските автомобили треба да започне во текот на следниот месец, а нивната целосна функционалност се очекува најдоцна до февруари. Паралелно со тоа, продолжува и проширувањето на „Безбеден град“ во другите градови. Според најавениот распоред, системот во првата недела од декември треба да започне со официјална примена на подрачјето на СВР Струмица. Потоа следува Штип, каде што активностите треба да завршат до крајот на годината, а наредна е Битола. Планот на МВР е, до февруари, системот да биде имплементиран на целата територија на државата.
За функционирањето на системот и неговото понатамошно проширување ќе бидат потребни и финансиски средства. Тошковски информираше дека проекциите на МВР се дека од наплатените сообраќајни казни, во буџетот ќе се слеваат околу 10 милиони евра годишно. Од нив, 25 проценти ќе одат во полицискиот буџет и повторно ќе се инвестираат во активности поврзани со сообраќајната безбедност и со унапредувањето на системот.
Тошковски соопшти и дека проектот „Безбеден град“ го освои првото место во категоријата „Извонредност во сообраќајната безбедност“ на Светскиот полициски самит во Дубаи, каде што македонскиот проект беше избран пред полициите на Сингапур и Абу Даби, Управата за патишта и транспорт на Дубаи и полициската служба од индиската држава Махараштра. За наградите пристигнале повеќе од 700 номинации од над 60 држави во 13 категории, а победниците биле избирани преку независно стручно оценување, интервјуа и процена на технолошките и оперативните резултати.
„Кога почнавме со Безбеден град, многумина се сомневаа дека конечно ќе профункционира систем за кој со години се зборуваше. Денеска имам чест да ви соопштам до каде стигнавме на тој план. Македонија го освои првото место во категоријата за извонредност во сообраќајната безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи“, рече Тошковски.

Но, според презентираните податоци, најважниот ефект од проектот треба да се мери преку бројот на спасени животи и намалувањето на тешките последици од сообраќајните несреќи. Во периодот јануари – октомври годинава, на патиштата загинале 85 лица, наспроти 117 во истиот период лани и 119 во 2024 година. Тоа се 32 помалку загинати во споредба со 2025 година, односно намалување од 27,4 проценти. Намален е и бројот на тешко повредени. Во првите десет месеци годинава се регистрирани 748 тешко повредени лица, наспроти 872 лани, односно 124 помалку или намалување од 14,2 проценти. Посебно значајна е споредбата за периодот од февруари до октомври, од почетокот на примената на системот. Во овие девет месеци во 2025 година загинале 108 лица, додека годинава 74. Тоа се 34 животи помалку, односно намалување од 31,5 проценти.
„Тие резултати ѝ даваат суштина на нашата кандидатура, затоа што успехот го мериме по намалувањето на опасното возење и тешките последици, а не по бројот на наплатени казни“, нагласи Тошковски. Според вториот презентиран преглед, во периодот од 2011 до 2025 година, на македонските патишта загинале 2.131 лице, или во просек, по 142 лица годишно. Кога бројките ќе се пресметаат на милион жители, Македонија во 2025 година имала 72 загинати, додека просекот во Европската Унија изнесувал 43. Министерот за внатрешни рече дека меѓународната награда е признание за досега сработеното, но и обврска системот да продолжи да се развива. „Наградата е признание за завршената работа, но одговорноста за она што сè уште не е добро останува исклучиво наша. Додека постои и едно дете кое не може безбедно да премине улица, нашата работа не е завршена“, порача Тошковски. (П. А.)
Министри, директори, функционери и црковни лица казнети од „Безбеден град“: министерот тврди дека сите ги платиле казните
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели дека бројни функционери и јавни личности му се кажале дека добиле казни што, според него, е потврда дека системот функционира и дека никој не може да избегне санкција поради својата позиција.
„Многу, не знаете колку многу ми имаат кажано дека министри, директори, црковни лица од една, од друга, од трета религија и така натаму. Речиси да нема ниво на кое не ми се кажало ’еве функционира, си платив и јас, ми стигна казната’“, изјави Тошковски.
Според министерот, казни добивале и лица што управувале со службени и приватни возила, а сите изречени казни биле платени лично од возачите.












