| Графичкиот дизајнер и основач на Арно.мк, Бранко Прља, ги реконструираше насловните букви од првиот број на весникот, претворајќи дел од неговото визуелно наследство во современа алатка за нови наслови, плакати и креативни проекти. „Весникот помогна да се роди нашата ‘Временска капсула’, а сега дел од неговиот визуелен идентитет го враќаме во живот“, вели Прља. |
Првите оригинални букви со кои е отпечатен првиот број на весникот ВЕЧЕР повторно добиваат можност да раскажуваат нови приказни. Овој пат не на хартија за весник и со мирис на печатарска боја, туку преку дигитален фонт, достапен бесплатно за сите што сакаат да го користат. Оваа необична и креативна роденденска честитка за 63-годишнината на ВЕЧЕР ја испрати графичкиот дизајнер, писател и основач на платформата Арно.мк, Бранко Прља.
Проектот, како што раскажува идејниот творец, започнал со внимателно разгледување на архивските примероци од првиот број на весникот ВЕЧЕР. Буквите биле реконструирани, исчистени од трагите на старото печатење и скенирањето, а потоа дополнети со латинични знаци, бројки и интерпункција, за да можат да функционираат како целосен дигитален фонт.
Резултатот се две верзии – „Rekonstrukcija“, со поумерено растојание меѓу буквите, и „Naslovi“, која го задржува поотворениот ритам на оригиналните наслови. Двете се бесплатни и достапни преку Арно.мк.
Интересно е што приказната за овој проект има и своја предисторија, која повторно води до нашиот весник. Идејата за фонтот произлегла од работата на Прља на рубриката „Временска капсула“ на Арно.мк, чија приказна започнала со истражување за изложувањето на оригиналниот команден модул на „Аполо 10“ во Скопје во 1970 година.
Сè почнало со една фотографија од Архивот на Град Скопје, која ја разбудила неговата љубопитност за речиси заборавениот настан. Потрагата по дополнителни информации го одвела до старите весници, а клучната потврда ја пронашол токму во ВЕЧЕР, во изданието од 16 септември 1970 година, год. VIII, бр. 2269, каде што бил објавен извештај за модулот изложен на плоштадот „Слобода“. Но, барајќи една информација, Прља почнал да ги чита и другите страници. Така открил дека старите весници се многу повеќе од архивски записи за одредени настани.
– Во нив беше зачувано целото секојдневие на градот: проблемите, надежите, огласите и малите приказни. Од таа потрага се разви „Временска капсула“, преку која ги истражуваме трагите од минатото и ги поврзуваме со денешницата – објаснува Прља.
Токму при разгледувањето на првиот број на ВЕЧЕР од 11 ноември 1963 година, покрај содржината, вниманието му го привлекле и насловните букви.
Како графички дизајнер, во нив препознал специфичен визуелен карактер што заслужува да биде зачуван, но не само како спомен на едно време, туку и како нешто што повторно ќе може да се употребува.
– Тоа се буквите со кои се известувало за Скопје во времето на неговата обнова по земјотресот. Посакав повторно да можат да се користат – со нив да се создаваат нови наслови, плакати и приказни – вели Прља.
Зад навидум едноставната идеја за дигитален фонт, стои процес на истражување, реконструкција и многубројни доработки. На проектот, Прља работел околу десет дена, со паузи, низ речиси 15 различни верзии и корекции. Најголемиот предизвик бил да се препознае оригиналниот облик на секоја буква и да се разграничи од неправилностите на старата хартија, печатењето и скенирањето.
Целта била да се зачува препознатливиот карактер на буквите од 1963 година, а истовремено тие да станат функционални, чисти и применливи во денешните дигитални формати.
– Зад проектот стојам јас како автор и графички дизајнер, со помош на вештачка интелигенција во техничката изработка и програмирањето. Го водев процесот, ги избирав примероците и ги носев визуелните одлуки преку постојано споредување со оригиналните отпечатоци – објаснува Прља.
Така, буквите што пред повеќе од шест децении ги краселе насловите на еден нов весник, денес стануваат дел од современата дигитална култура. Можат да се користат за графички решенија, дизајн на плакати, наслови, уметнички проекти и различни креативни содржини.
Но, оваа роденденска честитка отвора и една многу поширока тема – вредноста на старите весници и потребата од нивно зачувување и дигитализација. Прља смета дека дигиталната достапност на архивата на ВЕЧЕР би имала непроценливо значење за проучувањето на македонската историја, култура и секојдневен живот.

– Во неговите страници е зачувана колективната меморија на повеќе генерации – огромен извор за истражувачи, новинари, студенти и сите љубопитни читатели – посочува тој и додава дека и „Временска капсула“ покажува колку многу информации, приказни и сведоштва можат да се откријат во старите изданија на весникот. Затоа, дигитализацијата не би била само технички процес на зачувување на хартиени примероци, туку и отворање на еден значаен историски извор кон новите генерации.
Прља се надева дека иницијативата со фонтот ќе поттикне разговор и за овој поголем чекор.
– Би ми било особено драго доколку оваа мала иницијатива со фонтот поттикне разговор и за тој поголем чекор – вели тој. За него, проектот има и лична симболика.
– Особено ми е драго што редакцијата го препозна како роденденска честитка за 63-годишнината на ВЕЧЕР. Весникот помогна да се роди нашата „Временска капсула“, а сега дел од неговиот визуелен идентитет го враќаме во живот – истакнува Прља.
И навистина, има посебна убавина во оваа приказна. Во времето кога дигиталните технологии секојдневно создаваат нови форми на комуникација, едно парче од старото наследство добива нов живот. Буквите што некогаш ги најавувале вестите за обновата на Скопје, сега се подготвени да испишуваат нови наслови, идеи и креативни пораки. (Е. А.)












