Инвеститорите ќе можат да добијат одобрение за градење на важни инфраструктурни објекти и пред целосно да бидат решени имотноправните односи за градежната парцела. Ова е една од новините предвидени со предложените измени на Законот за градење, со кои се овозможува да се одвива постапката за добивање градежна дозвола паралелно со решавањето на сопственичките прашања. Сепак, градежните експерти предупредуваат дека ваквото решение носи ризици доколку не може да се заврши правната постапка, а изградбата веќе е почната. Во таков случај, може да се доведе во прашање реализацијата на проектот, но и да се отворат спорови околу веќе изведените градежни работи.
Можноста за добивање одобрение пред целосно расчистување на имотните односи ќе се однесува на објекти од јавен и инфраструктурен интерес, меѓу кои државни и локални патишта и улици, водоводни и канализациски системи, железнички пруги, гасоводи, далноводи, нафтоводи, топловоди, продуктоводи, жичници, системи за наводнување и одводнување, како и објекти за производство на електрична енергија од обновливи извори. Целта е да се забрза реализацијата на значајните инфраструктурни проекти и да се избегнат застои поради долгите постапки за регулирање на сопственоста, стои во измените на Законот.
Според досегашниот Закон за градење, кога не е земјиштето во целосна сопственост на инвеститорот, туку станува збор за градежна парцела со мешана државна и приватна сопственост, инвеститорот мора да поседува најмалку 30 проценти од парцелата за да добие одобрение за градење. Во одредени случаи, кога уделот на државното земјиште бил помал од 10 проценти, не морало веднаш да се изврши доплата, но имотноправните односи морале да бидат целосно расчистени најдоцна до добивањето на употребната дозвола.
Поранешниот претседател на Градежната комора и сопственик на градежна компанија, Никола Велковски, смета дека почнувањето градба пред целосно решавање на имотноправните односи е ризично, бидејќи не постои гаранција дека успешно ќе заврши правната постапка.
– Како може да се гради ако не се решени имотноправните односи? Тоа е многу ризично, бидејќи може да се случи да не биде завршена правната постапка ниту до моментот кога ќе заврши изградбата на објектот. Мора да биде позната сопственоста на земјиштето пред да почне да се гради – изјави Велковски за весникот ВЕЧЕР.
Тој смета дека може полесно да се примени ваквото решение кај големите инфраструктурни проекти, како што се коридорите и другите објекти од јавен интерес, каде што може да се регулираат имотноправните односи паралелно со изградбата. Но, проблемот е посложен кај приватните инвеститори што градат на парцели со мешана сопственост, бидејќи нерешените прашања може да предизвикаат застои, спорови со сопствениците и неизвесност околу добивањето употребна дозвола.
Има забелешки за предложеното намалување од две на една година на потребното работно искуство за одредени дипломирани архитекти и градежни инженери во надлежните институции што ги проверуваат и заверуваат основните проекти за градби од прва категорија.
Од партијата ДОМ предупредуваат дека измената ги опфаќа и дата-центрите, кои во јуни годинава беа класифицирани како градби од прва категорија, и прашуваат врз основа на каква стручна процена е утврдено дека е доволна една година искуство за проверка на документацијата за вакви сложени објекти, особено поради нивните големи потреби од електрична енергија и од вода. Од партијата сметаат дека забрзувањето на постапките не смее да значи намалување на стручноста и на институционалната контрола.
Слични забелешки имаат и градежните експерти, според кои една година работно искуство не е доволна за да ја стекнат младите инженери потребна стручност за самостојно постапување по проектна документација. Тие сметаат дека треба да остане досегашниот услов од најмалку две години, бидејќи проверката и заверката на проекти за големи и сложени инвестиции бараат практично искуство, сериозно знаење и голема одговорност.
(А. С.)












