Детските одморалишта во Македонија со децении беа место каде што илјадници деца го поминуваа летниот распуст. Охрид, Преспа, Струга, Дојран и другите туристички центри располагаа со објекти наменети за организиран престој, рекреација и едукација на учениците. Во последните години, сѐ почесто се отвора прашањето дали државата и општините треба повторно да инвестираат во овој сегмент и да ги обноват старите и запуштени детски одморалишта. Според туристичките работници и управителите на дел од капацитетите, Македонија располага со природни услови и со инфраструктура за организирање детско летување и рекреативна настава во земјата.
Поддржувачите на оваа идеја сметаат дека престојот на децата во македонските туристички центри придонесува за развој на домашниот туризам, подобро запознавање на природното и културното наследство и за задржување на средствата во националната економија. Од друга страна, дел од училиштата и организаторите избираат аранжмани во Грција, каде што цените се значително повисоки од оние во домашните кампови. Така, ако цената за летување на едно дете во Грција изнесува околу 400 евра, во кампот „Партизан“ во Дојран за полн пансион се плаќа околу 7.000 денари.
– Моментално имаме деца од Скопје, а од сабота ни доаѓа нова група од Делчево. Станува збор претежно за деца од фудбалските школи, кои имаат организирани летни подготовки во нашиот камп. Покрај тоа што може да се капат, сончаат и да се дружат, тие имаат и редовни тренинзи. Кампот е уреден, направени се повеќе зафати за замена на застарената опрема и речиси цело лето кај нас престојуваат деца од сите делови на државата – изјави за весникот ВЕЧЕР Драги Миовски, управител на кампот „Партизан“ во Дојран.
Тој додава дека по пандемијата, повторно се зголемил интересот и речиси секое лето капацитетите се исполнети.
– Храната е квалитетна и приспособена на возраста на децата. Тие се сместени во бунгалови, кои се во солидна состојба, а на располагање се и камповите. Апелираме до родителите наместо да плаќаат неколкукратно поскапи аранжмани во Грција, да размислат за домашните кампови. Освен што ќе потрошат помалку средства, децата ќе имаат можност подобро да ги запознаат природните убавини на сопствената држава – додава Миовски.
И Љупчо Јаневски, поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, смета дека детските одморалишта, кои со години се оставени на забот на времето, заслужуваат нова шанса и повторно враќање во функција.
– Губиме голем потенцијал со тоа што не функционираат дел од детските одморалишта во Охрид, Струга, Преспа, Дојран, Берово и во Делчево. Овие објекти, покрај основната намена, може да се користат и за семинари, тим-билдинг, корпоративни собири и за други настани, кои ќе обезбедат дополнителни приходи и одржливо работење. Најдобриот начин за нивна ревитализација е преку јавно-приватно партнерство, со јасно дефинирани правила за управување. Така повторно ќе ги вратиме децата на нашите езера и планини – изјави Јаневски за весникот ВЕЧЕР.
Според него, обновата на овие капацитети нема да значи само создавање подобри услови за престој на децата туку и директна поддршка на локалниот економски развој и на туристичкиот сектор.
– Верувам дека со добра ревитализација и професионално управување, во следните пет години ќе можеме да сместиме од 150.000 до 200.000 деца во домашните кампови. Така, наместо да се трошат средствата надвор од државата, тие ќе останат во Македонија, а децата ќе добијат можност да летуваат по подостапни цени и да ги запознаат убавините на својата татковина – истакнува Јаневски.
Иако голем дел од некогашните детски одморалишта денес се запуштени или работат со намален капацитет, интересот за организирано летување во домашните кампови сѐ уште постои. Според туристичките работници, со соодветни инвестиции и со модернизација, овие објекти повторно би можеле да станат места исполнети со детски џагор. Освен што нудат значително пониски цени во споредба со странските аранжмани, тие придонесуваат и за развој на домашниот туризам, локалната економија и за подобро запознавање на младите генерации со природните и културните богатства на Македонија.
(А. С.)












