Томас Маркл, таткото на Меган Маркл, војвотката од Сасекс и сопруга на британскиот принц Хари, е повторно приведен во Флорида, откако наводно ја отстранил електронската ногавица, кој му бил одреден како услов за неговиот надзор.
Како што пренесува Би-Би-Си, повикувајќи се на портпарол на Министерството за правда на САД во Лос Анџелес, Маркл се појавил пред федерален судија во Тампа, откако наводно го отстранил електронскиот уред за следење во 01:45 часот по локално време (06:45 часот по средноевропско време).
Судијата наредил тој да остане во притвор без можност за кауција. Маркл сега се наоѓа во федерален притвор, изјави портпаролот.
Бил Хесли, прв помошник на федералниот обвинител за Централниот округ на Калифорнија, на социјалната мрежа „Икс“ (X) истакна дека условите за пуштање на слобода претставуваат судски налози, а не само препораки.
„Ќе побараме од судот да му ја укине одлуката за пуштање на слобода и да нареди негово задржување во притвор до почетокот на судењето. Ќе продолжиме да го водиме овој случај во целосна согласност со законот“, напиша Хесли.
Маркл беше уапсен во Флорида минатата недела, под сомнение за поседување материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца. По апсењето, тој беше пуштен на слобода под одредени услови, кои вклучуваа куќен притвор и задолжително носење уред за следење на локацијата. ФБИ заплени 78 предмети.
Според Министерството за правда, Маркл бил уапсен откако ФБИ, постапувајќи по судски налози, извршило претрес во магацински простории во Лос Анџелес, регистрирани на негово име. Тој ги изнајмувал просториите од 2008 година, а последната уплата ја извршил во октомври оваа година.
За време на претресот, агентите на ФБИ заплениле околу 78 предмети – вклучувајќи филмски негативи, слајдови и книги – за кои истражителите тврдат дека содржат материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца.
Маркл се појави пред судот минатата недела, по неговото апсење. Тој не се изјасни за обвиненијата, а судот постави неколку услови за негово пуштање на слобода до почетокот на судењето, вклучително и куќен притвор.
Според Министерството за правда, сведоци со сигурност го препознале Маркл на две фотографии за кои постои сомневање дека прикажуваат сексуална злоупотреба на деца. Истражителите проценуваат дека лицето на фотографиите има меѓу 30 и 40 години – што укажува на тоа дека материјалот можеби потекнува од пред неколку децении, со оглед на тоа што Маркл сега има 82 години.
Директорот на ФБИ, Каш Пател, минатата недела изјави дека Маркл наводно „целел кон невини деца и се обидувал да им ја одземе невиноста преку своите криминални дејствија“.
Томас Маркл претходно негираше дека поседува фотографии или снимки од сексуална злоупотреба на деца. Би-Би-Си (BBC) известува дека стапил во контакт со неговите претставници во врска со овие најнови случувања.












