Еден од најдобрите кошаркари на денешницата, Кевин Дурант, потврди дека има голема желба повторно да го облече дресот на американската репрезентација на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, иако тогаш ќе има речиси 40 години.
Искусниот ас порача дека возраста не е причина да се откаже од настапите за националниот тим, нагласувајќи дека сè уште чувствува огромна мотивација да ја претставува својата земја на најголемата спортска сцена.
- Не сакав да се повлечам само затоа што сум постар и веќе сум настапувал на Олимписки игри. Американската репрезентација е мое семејство и сакам да бидам дел од неа сè додека играм кошарка, изјави Дурант.
Доколку успее да избори место во составот што ќе го селектира Грант Хил, Дурант ќе стане првиот кошаркар во историјата со пет олимписки златни медали.
Сепак, двократниот НБА шампион потенцира дека не очекува никакви привилегии поради своето име и богатата кариера.
- Разбирам дека ќе има многу млади и квалитетни играчи. Не барам ништо однапред. Ако сакам да бидам дел од тимот, мора да го заслужам тоа со игрите на теренот, порача Дурант.
Тој веќе важи за најуспешниот олимписки кошаркар во историјата на САД, со четири освоени златни медали – во Лондон 2012, Рио 2016, Токио 2021 и Париз 2024.
Покрај тоа, Дурант е и најдобар стрелец во историјата на американската машка кошаркарска репрезентација на олимписките турнири.
По Игрите во Париз се појавија бројни шпекулации дека тој повеќе нема да настапува за националниот тим, но самиот кошаркар ги демантираше таквите тврдења.
- Тоа е заклучок што го донесоа медиумите. Никогаш не реков дека завршувам со репрезентацијата, изјави Дурант.
Доколку во 2028 година повторно се најде меѓу најдобрите 12 американски кошаркари, легендарниот ас нема да се бори само за уште едно олимписко злато, туку и за рекорд кој досега не го достигнал ниту еден кошаркар во историјата на Олимписките игри.











