ВЕРЕН СОБОРЕЦ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И СИМБОЛ НА БЕЗРЕЗЕРВНАТА ВЕРНОСТ КОН ИДЕАЛИТЕ
Сава Михајлов-Савата ѝ припаѓа на онаа група млади македонски интелектуалци што кон крајот на 19 и почетокот на 20 век целосно и доследно работеле на општото подигнување на македонскиот народ во борбата против османлискиот окупатор. Тој истовремено им припаѓа и на оние истакнати македонски синови и револуционери што меѓу првите отворено и доследно работеле против ширењето на туѓите пропаганди на соседните држави во Македонија. Особено е позната неговата борба против носителите на врховизмот во македонското националноослободително движење. Му бил верен другар и револуционерен соработник на идеологот на Македонската револуционерна организација, Гоце Делчев. Како учител, организатор, учесник во аферата „Мис Стон“, борец против врховизмот, гевгелиски војвода и учесник во Илинденското востание, тој дал исклучителен придонес за развојот и за зацврстувањето на Македонската револуционерна организација. Неговата саможртва кај селото Смол, кога имал само 28 години, останала симбол на безрезервната верност кон идеалите на Организацијата и на борбата за слободата на Македонија

Сава Михајлов е роден во гевгелиското село Мачуково, денешно Евзони во Грција, на 25 декември 1877 година, како најстаро дете на Михаил и Фросина. Основно, четиригодишно училиште завршил во своето родно место. Во учебната 1888/1889 се запишал во класното училиште во Цариград и покрај тоа што татко му имал желба да биде трговец, како него. Поради материјални причини, потоа се запишал во егзархиската машка гимназија во Солун, која ја завршил во летото 1895 година. Токму во Солун биле почетоците на неговата револуционерна дејност, кога, како ученик во шести клас, во 1893 година пристапил кон тајниот револуционерен ученички кружок. Подоцна, напишал за ова во своите спомени: „Уште како ученик во Цариград, кога ја прочитав книгата ‘Под игото’, веќе тогаш почна кај мене да се зараѓа идејата за независност од Турција, ама повистински тоа се случи во седмиот клас во Солун“.
Иако учествувал во сите пропагандни акции на тајниот кружок во Солунската гимназија, Савата станал член на Македонската револуционерна организација кон крајот на 1895 година, кога бил учител во Кавадарци. Зачленувањето се совпаѓа со неговиот 18. роденден. Во Кавадарци, а подоцна и во селото Ракита, како и во Неготино, тој работел на будењето на свеста на населението за ослободување од османлиското ропство. Во 1898 се префрлил за учител во Богданци, Гевгелиско, каде што целосно се ангажирал за вооружување на членовите на Организацијата. Гевгелија и Гевгелиско спаѓаат во редот на оние населби и реони во Македонија во кои меѓу првите била формирана организацијата ТМРО, кога во 1895 година биле примени првите членови лично од нејзиниот идеолог, Гоце Делчев. Сè до доаѓањето на Сава Михајлов за учител во Гевгелија во есента 1899 година, Организацијата не можела да се пофали со посериозна општествено-политичка активност. Савата веднаш станал член на гевгелиското реонско раководно тело, заедно со учителите Андон Костов и Аргир Манасиев и се залагал Организацијата да биде достапна за сите незадоволни жители, а не само за Македонците.
– Во нашата Организација може да членуваат сите жители, без разлика на вера, народност и убедување. Таа се бори и за премавнување на шовинистичките пропаганди и националистички расправии што го разединуваат населението во неговата борба против заедничкиот непријател – пишува Савата во своите спомени.
Неговата идеја за масовна борбена народна сила во Гевгелија и Гевгелиско имала успех. Во сите места, македонски и влашки, биле формирани месни организации, а во градот Гевгелија имало малку гркомански семејства, па и Турци, кои ја симпатизирале Организацијата. Задачата за подготвување на населението за едно општо востание со успех ја извршиле Сава Михајлов, Андон Костов и Аргир Манасиев, па така кон крајот на 1898 година била формирана првата вооружена единица во Гевгелиско.
– Четата беше составена од компромитирани работници, сиромашни луѓе од Солун, терористи кои извршиле во Солун некои работи – сите тие избегаа во Гевгелиско. Четата одеше по селата како исполнителна власт на раководното тело. Кон неа се придружија и момчиња од Гевгелиско – пишува Савата во своите спомени за ова.
Ова успешно делување на Михајлов во Гевгелиско не останало незабележано од највисоките раководни органи на ТМОРО, па по нивно барање, тој во 1900 година бил назначен за учител во Горна Џумаја, каде што бил и реонски раководител на ТМОРО. Токму таму се случило и неговото подобро запознавање со Гоце Делчев, а наредната 1901 година се присоединил кон четата на Јане Сандански и Христо Чернопеев и учествувал во аферата „Мис Стон“. Оваа афера завршила во јануари 1902 година, кога Сава Михајлов, Јане Сандански и Крсте Асенов лично ги пренеле добиените пари во Софија.
Од почетокот на 1903 година, Сава Михајлов бил војвода во Гевгелиско. Иако сметал дека одлуката да се крене востание на Илинден е преуранета, поради тоа што не било вооружено населението, сепак, тој се вклучил со својата чета во подготовките за Илинденското востание. Дејствувале на „партизански“ начин во текот на востанието и заедно со Аргир Манасиев организирале диверзија на железничкиот мост на Вардар во местото Мрзенци, крај Гевгелија. Потоа, кон крајот на август, двете чети воделе борба кај Клисура, а на почетокот од есента четата на Сава Михајлов и Кукушката чета воделе борба кај Башбунар, на Пајак Планина. Сите овие вооружени акции претставувале драгоцена помош за востаниците во Битолскиот револуционерен округ, бидејќи во Гевгелиско, за спречување на ваквата дејност на четите, османлиите ангажирале околу 3.000 војници. Исто така, оделе со четата од село до село и одржувале масовни селски собири.
– Само здружени и организирани можеме да ја ослободиме Македонија. На сите оние кои ќе паднат во затвор, соселаните се должни да им помагаат на нивните семејства. Бугарија нема нас да не ослободи, туку ние самите, со добро подготвено востание – рекол Савата, покрај другото, на еден од нив.

По Илинденското востание, Сава Михајлов се префрлил во Бугарија. Во 1904 година, тој му ги пренел на Љубомир Милетич спомените од својата револуционерна дејност. Во тој период, Сава дејствувал во Бугарија и во Србија. Неуспехот на Илинденското востание предизвикал големи потреси како кај населението така и кај самите членови на Организацијата. Слично било и во гевгелискиот крај. Покрај отворениот расцеп на населението на егзархисти, грчки и српски патријаршисти, членовите на Организацијата се делеле на централисти и на врховисти. Токму кога се разгорувала оваа борба, четата на Сава Михајлов, која дотогаш дејствувала во Бугарија, во февруари 1905 година пристигнала во Гевгелиско.
Патувањето до Гевгелиско било доста безбедно, но на почетокот на март османлиската власт им ја открила трагата. Предадени од некои овчари Арнаути, заедно со четата на Апостол Петков (заедно 42 лица), биле опколени од турската војска. Во борбата загинале 36 души, меѓу нив и Сава Михаjлов, а војводата Апостол Петков, ранет во петицата, успеал да се спаси со петмина четници. Сава Михајлов сам се отрул за да не биде фатен жив од Турците.
Вака го завршил Сава Михаилов својот животен и револуционерен пат, популарно наречен Савата, македонски револуционер и војвода. Загинал херојски, како што гинеле многу тогашни македонски револуционери, кои ѝ го посветиле својот живот на борбата за ослободување на Македонија.
Неговото херојство македонскиот народ не го заборавил. Во текот на НОБ, во Втората светска војна, гевгелискиот партизански одред го носел името на Сава Михајлов.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ












