Владата го образложува вториот ребаланс со потребата за усогласување на приходите и расходите со променетите економски услови, поради мерките за намалување на акцизата и ДДВ за горивата, при што уверува дека останува дефицитот во планираните рамки и дека продолжуваат започнатите капитални проекти. Од Министерството за финансии посочуваат дека се пренасочуваат средствата од проекти што не се започнати кон социјалната заштита и кон други приоритети, додека задолжувањето, според Владата, е предвидено за редовно сервисирање на постојните обврски. Опозицијата, пак, смета дека второто прекројување на буџетот во една година отвора прашања за реалноста на приходните и на расходните проекции и предупредува за растот на јавниот долг. Во услови на неизвесност околу цените на енергенсите и инфлацијата, со ребалансот се задржува дефицитот од 46,3 милијарди денари

Различно толкување за причините на второто прекројување годинава на државната каса пристигнаа од власта и од опозицијата. За министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ребалансот не е резултат на проблеми со ликвидноста, туку е навремена реакција за заштита на граѓаните преку мерките за намалувањето на акцизата и ДДВ кај горивата, додека од опозицискиот СДСМ ја обвинија Владата за нереално планирање на приходите и на расходите и за зголемено задолжување на државата.

Со предложените измени, вкупните приходи се проектираат на ниво од 374,2 милијарди денари, додека расходите се проектираат на 420,5 милијарди денари, при што се задржува буџетскиот дефицит на непроменето ниво (46,3 милијарди денари).

Во образложението, министерката истакна дека со кратењето не е опфатено финансирањето на почнатите проекти, туку е интервенирано во проекти што воопшто не се почнати и е одложена нивната реализација поради технички проблеми. Таа посочи дека најмногу е скратено на Министерството за енергетика (1,885 милијарди денари, средства наменети за плаќање договори кон странство), како и на Министерството за животна средина (околу 1,5 милијарди денари), на Управата за извршување санкции, Министерството за финансии, а бил искористен и КАПЕФ-механизмот за помали кратења во оние институции каде што на крајот на кварталите немало реализација на планираните средства.

– Тоа е прилично голема ставка и тие средства, со ребалансот на буџетот, се пренасочија кон Министерството за социјална политика – дел е за социјална помош, како и за финансирање проекти за кои требаше дополнително финансирање – истакна министерката за финансии.

Таа истакна дека се продлабочува геополитичката криза и цените на енергенсите продолжуваат да растат, затоа Владата реагирала со мерките со намалување на акцизите и на ДДВ за горивата за да се стабилизира инфлацијата и за да нема прелевање на високите цени на нафтата врз другите  производи и услуги.

– Но, овие мерки имаат директен ефект и врз буџетските приходи од 5,3 милијарди денари. Токму затоа, со вториот ребаланс, ги усогласуваме приходите и расходите со реалните економски текови и обезбедуваме стабилно функционирање на буџетот до крајот на годината – рече Димитриеска-Кочоска.

Поради неизвесноста со цената на нафтата, поради што трпат економиите не само во Европа туку и во светот, со ребалансот, стапката на инфлација е оставена да биде повисока (3,8 %), иако математиките покажувале дека треба да биде 3,5 %.

– Имаме јасна динамика на реализација на инвестиции како во јавниот така и во приватниот сектор, но таа неизвесност не ни дава комоција сега да го коригираме БДП во нагорна линија – одговори Димитриеска-Кочоска на новинарско прашање.

Таа нагласи дека се продолжува со вложување во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура.

– Продолжува реализацијата на проектите поврзани со Коридорот 8 и со Коридорот 10-д, како и изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце. Во железничката инфраструктура, продолжуваме со реализацијата на Коридорот 8, како и со проектот за заеднички железнички граничен премин со Србија во Табановце. Значајни средства остануваат насочени кон водоснабдувањето, канализацијата, пречистителните станици и регионалните системи за управување со отпад, вклучително и продолжување на проектот за пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Продолжуваат и инвестициите во реконструкција и изградба на училишта, спортски сали, студентски и ученички домови, како и проектите за унапредување на основното образование, детската заштита, социјалните услуги, енергетската ефикасност и модернизацијата на земјоделството – потенцира министерката.

Таа нагласи дека државата, во 2026 година, треба да сервисира обврски во вкупен износ од 76,6 милијарди денари, од кои 55,1 милијарда денари се отплата на надворешниот, а 19,9 милијарди денари на домашниот долг и 1,6 милијарди денари одлив по даден заем кон Развојната банка. Дополнително се сервисираат обврски и по основ на издадени едногодишни државни хартии од вредност, во износ од околу една милијарда евра.

– Ние се задолжуваме согласно со она што е предвидено во буџетот. Пред три дена, се задолжиме 150 милиони евра поради состојбата на пазарите, иако од Владата довивме дозвола за 250 милиони евра. Овие пари ни се потребни да финансираме до крајот на годината камата и главница на кредит од 154 милиони евра. Исто така, до крајот на годината се предвидени одредени задолжувања во рамките на првиот ребаланс, каде што ќе треба одредено рефинансирање на домашни кредити и хартии од вредност што достасуваат – истакна Димитриеска-Кочоска.

Според неа, овие обврски се предвидени во буџетот и нивното редовно сервисирање е обезбедено преку планираното домашно и странско задолжување.

– Не дозволуваме променетите услови и мерките за заштита на граѓаните да доведат до неконтролирано зголемување на дефицитот. Напротив, со оптимизација на расходите, го задржуваме утврдената фискална цел – децидна е Димитриеска-Кочоска.

Таа истакна дека и во декември, веројатно, ќе има нова прераспределба на средства за таму каде што ќе има потреба.

Опозицијата ја обвини Владата за нереално планирање на приходите и расходите и за зголемено задолжување на државата. Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, изјави дека во моментов во буџетот недостигаат околу 809 милиони евра, што, според него, е повеќе од планираниот дефицит со првиот ребаланс.

– Дефицитот што беше проектиран со првиот ребаланс, беше околу 720 милиони евра. Значи, над 80 милиони евра повеќе се потрошени од тоа што реално го има – изјави Битиќи.

Тој смета дека најавата за втор ребаланс во иста година покажува проблеми во буџетското планирање. Битиќи потсети дека вообичаено се прави втор ребаланс во исклучителни околности, како што беше случајот во текот на пандемијата со ковид-19. Според него, и со првиот ребаланс бил зголемен дефицитот, а сега Владата повторно е принудена да ја коригира буџетската конструкција. Според него, кратењето на расходите може да ги засегне капиталните инвестиции или тековните расходи, меѓу кои се платите, пензиите и социјалните трансфери.

– Другата можност е да се оди по нов дефицит, што сметам дека сериозно ќе ѝ наштети на државата, затоа што тоа ќе значи дека понатаму парите ќе бидат многу поскапи од денес – изјави Битиќи.

Според Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, вториот ребаланс не е поврзан со мерките за горивата, туку со потфрлањето на приходите во буџетот. Партијата ја обвинува Владата дека наместо намалување на непродуктивните расходи, повторно се определува за задолжување. Цветаноски посочи на најавеното задолжување од 250 милиони евра за буџетски потреби до крајот на годината, како и на дополнителното задолжување од 1,3 милијарди евра.

Од опозициската партија обвинуваат и дека во изминатите две години е создаден нов долг од околу четири милијарди евра. Според нив, со вклучување на долговите кон јавните претпријатија, јавниот долг надминува 63 % од БДП. СДСМ оценува дека зголеменото задолжување создава дополнителен товар за јавните финансии преку повисоки каматни трошоци.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ