Од утре до средината на следната седмица Македонија ја очекува период на променливо и нестабилно време, под влијание на циклонска активност. Се очекуваат повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни.
Во текот на периодот се очекува вкупно да наврнат над 20 литри дожд на квадратен метар, а најизразени врнежи се очекуваат во недела. На локално ниво процесите ќе бидат поинтензивни и ќе има појава на невреме, проследено со пороен дожд, засилен ветер и грмежи.
Во вторник ќе пристигне постуден воздушен бран, поради што на повисоките планини дождот ќе преминува во снег.
Во Скопје, од утре до средината на следната седмица времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Во делови од Скопската Котлина врнежите локално ќе бидат пообилни, а можна е и појава на ретки грмежи.
Од понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, што ќе придонесе за пад на температурите и чувствително заладување.
Граѓаните во наредните денови треба да бидат подготвени за променливо и нестабилно време, особено во периодите со поинтензивни врнежи и засилен ветер.












