четврток, октомври 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Еврата во ѕидот од паричките од црвен пипер, дињи, лозје… – мајката...

Еврата во ѕидот од паричките од црвен пипер, дињи, лозје… – мајката на Ристов тврди дека таа ги пикала зад плочката

Обвинителство: Итарпејовско сведочење на родителите на судијата

0

По заклетва дека ќе ја зборува вистината и оти со исказот нема да предизвика срам или материјална штета, мајката на судијата обвинет за парите во ѕидот, Донка Ристова, сведочеше дека еврата пронајдени во семејната куќа во Неготино биле нејзини и на сопругот Здравко, заработени од земјоделство. Обвинителката ја праша како е можно при претресот да не биле пронајдени нејзини траги или траги од сопругот, туку само од синот Ѓоко, на што таа одговори: „Не ми се верува“. Нејзиниот син од обвинителната клупа ретко ја погледнуваше, се вознемири на прашањата од обвинителката Искра Хаџи-Василева, па бранителот неколкупати го смируваше. Таа, пак, со забелешка на крајот од судењето: „Итарпејовскиот манир во кој зборуваа родителите на Ѓоко Ристов не се совпаѓа со доказите“

На продолжението од судењето за случајот против апелациониот судија Ѓоко Ристов сведочеше неговата мајка Донка Ристова, која пред судот ја потврдуваше тезата на одбраната дека 350.000 евра пронајдени во ѕидот на семејната куќа во Неготино се пари заработени од земјоделство. Донка Ристова раскажа дека парите биле чувани во ниша зад фрижидерот, зад стара плочка која, како што рече, била поставена уште кога била изградена куќата.

„Тоа беше моето место каде што си чував парички, горната ниша зад фрижидерот. Плочката беше залепена на четири места и таму си најдов згодно место. Стара плочка, од 1975 година па наваму, кога ја направивме куќата. Тоа што ќе ни останеше си ставав таму, низ дупчињата, зад плочката како прозорче“.

Таа рече дека парите цел живот ги заработувале со сопругот како земјоделци, одгледувајќи бостан, пипер, дињи и лозје, и продавајќи ги производите по пазари.

„Ние сме земјоделци. Бостан, пипер, диња… секаде по пазарите, од Горни Милановац, нема кај не сум била по пазари. Кога насадивме лозје, имавме голем профит од него“. Според неа, никој не знаел за парите освен неа и сопругот. Парите ги чувале завиткани во бела фолија и ставени во кесичка, по што ги оставале во дупката зад плочката.

„Ако продадам црвен пипер во Прилеп, ќе си купам марки, а потоа ги претворивме во евра. Да не бидат од 50 евра, ги претворавме во покрупни, да не фаќаат место во ѕидот“. На прашањето кога последен пат набавувале евра, Донка одговори дека парите биле нејзини и на сопругот и објасни зошто не ги чувале во банка.

„Тие пари се лично мои и на Здраве, сопругот. Не се во банка оти од 30 илјади не гарантира повеќе. Цела банка ја затворија, луѓето се бесат, службеници си вадат пари од сметки, немав гаранција“. Ристова рече дека парите ги чувала и со намера еден ден да ѝ послужат за престој во геријатрија. „Парите ми беа децата да ми платат кревет во геријатрија. Таму бараат 100 илјади евра“.

Пред судот објасни и дека ливчињата со запишани износи, кои биле пронајдени при претресот, ги пишувала таа. „Тие ливчиња јас си ги пишувам, во зависност од сумата“. На прашањето од адвокатот, дали Ѓоко некогаш ѝ дал пари, таа одговори: „Ѓоко никогаш не ми дал пари. Не барам од децата. Сè е од мојата работа, од земјоделството“.

Донка Ристова, која во текот на сведочењето раскажуваше за работата на семејството, на крајот рече дека цел живот работела за да обезбеди пари. „Човек што е вреден, печали. При два ноќе сум плетела, три рода земјата ни даваше“.

Во вкрстеното испрашување, обвинителката Искра Хаџи-Василева ја праша Ристова дали во текот на истрагата ѝ бил земен брис за биолошки материјал.

„Дали во текот на истрагата против синот ви зедоа биолошки материјал, брис?“, праша обвинителката. „Да, ми зедоа“, одговори таа. Обвинителката потоа ја праша дали е сигурна дека токму таа ги ставала парите во ѕидот. „Да, јас“. На прашањето дали до пред четири години ги ставала парите таму, таа одговори потврдно. Ристова објасни и дека сопругот ги менувал парите во менувачници.

„Од 2000 година си купувавме маркички, кога се смени, си ги менувавме од менувачници“. На прашањето дали ги ваделе парите од ѕидот и повторно ги враќале, таа одговори: „Така е“. Обвинителката ја праша и за имотот и вложувањата на семејството, меѓу другото, дали му помогнала на Ѓоко со 70.000 евра и дали му помагала и на другиот син. „Да, така“.

Беа поставени и прашања за фотоволтаиците и недвижностите во кои биле вложувани пари. Ристова потврди дека нивата ја стопанисувала нивна фирма и дека таа ја направила продажбата, а парите биле уплатени кај Круме –инвеститорот. За становите рече дека очекуваат да бидат доградени.

На прашањето од адвокатот зошто парите од фотоволтаиците ги вложила во станови, таа одговори: „Пари од недвижност да ги вложам во недвижност. Тоа ми беше аманет од татко ми“.

Најдиректното прашање до мајката на Ристов, сепак, го постави судијката. Таа ја праша како е можно, доколку Донка ги ставала парите во фолиите, при претресот да не е најден нејзин биолошки материјал, ниту од сопругот, туку само од синот Ѓоко. „Како, доколку вие сте ги ставале парите на фолиите, не е најден ниту ваш материјал ниту на сопругот, туку само на синот Ѓоко?“, праша судијката. Донка Ристова одговори: „Не верувам. Тоа е чисто мое“.

За време на сведочењето, Ѓоко Ристов, кој го следеше исказот на мајка му од обвинителна клупа, во дел од времето црташе во тефтерот пред него. При вкрстеното испрашување, беше видно вознемирен, а неговиот адвокат го смируваше. По Донка, пред судот сведочеше и нејзиниот сопруг, Здравко. Практично го повтори исказот на сопругата. На прашањето зошто парите не ги пријавиле, туку при претресот кажале дека немаат такви пари, Здравко одговори: „На кого да пријавам? Немам верба во државата. Сум се мачел за нив со овие 10 прсти“. Тој рече дека децата не знаеле за парите, но дека би им дал доколку им затребале, со очекување да му ги вратат. „Децата не знаеја. Кога им требаше, ќе им дадев, ќе ми ги вратат“.

Пред судот кажа и дека при претресот на полицијата им рекол дека парите се нивни – негови и на сопругата. Здравко објасни дека парите ги менувале во менувачници во Неготино и Бит-пазар. На прашањето од судот кој ги ставал парите во ѕидот, тој одговори дека тоа го правела неговата сопруга. „Сопругата. Јас пари не ставав. Таа беше должна за тоа. Јас создавав, таа чуваше“. Тој додаде дека не сакал парите да им ги даде на децата бидејќи, како што рече: „Ако сум им ги дал парите на децата, може ќе ги прокоцкаа, ништо не се знае…“ Судијката го праша и како е можно при вештачењето да не биле пронајдени траги ниту од него ниту од сопругата, туку од синот Ѓоко. „Нема шанси“, одговори  сведокот.

Адвокатот на одбраната најави дека на следното рочиште нивните вештаци ќе објаснат зошто, според одбраната, на фолиите не биле пронајдени траги од Здравко и Донка Ристови. Обвинителката Хаџи-Василева сведочењето го опиша како итерпејовско. „Интересно е што ги предложи одбраната и во еден така народски манир имавме пригода да слушнеме родители на обвинет, и тоа само по себе е специфична позиција, бидејќи законот ги ослободува од сведочење бидејќи се родители. Така, низ една итарпејовска естетика зборуваа и сведочеа за настани и за факти, меѓутоа тие истите не наоѓаат никаква поткрепа во останатите докази и обезбедени материјали“, изјави Хаџи-Василева. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ