четврток, октомври 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Владата не може да се меша во судската постапка, но бугарски лекари...

Владата не може да се меша во судската постапка, но бугарски лекари можат да ја прегледаат Ива Михајлова 

1

Македонија е подготвена да дозволи да дојдат бугарски медицински специјалисти и да се запознаат со здравствената состојба и лекувањето на Ива Михајлова, потврди и министерот за надворешни работи, Муцунски, притоа нагласувајќи дека извршната власт не може да се меша во судската постапка против неа.

– Кога станува збор за случајот со Ива Михајлова, постојат два аспекти што треба да ги разграничиме. Првиот е поврзан со судската постапка за поднесеното обвинение. Сакам да нагласам дека, како земја кандидат за членство во Европската Унија, кога имате систем заснован на владеење на правото и воспоставен систем на добро управување, не е улога на извршната власт да се меша во одлуките што ги носат судските органи. Тука мислам на Обвинителството и на судскиот систем во нашата земја. Одлуката е донесена од судскиот систем и само во рамките на судскиот систем може да се направи што било поврзано со законитоста на притворот, додека судската постапка продолжува. Вториот елемент, за кој прашувате, е поврзан со здравствената состојба на обвинетото лице Ива Михајлова. Нашиот здравствен систем обезбедува соодветна и современа здравствена заштита за секој граѓанин – рече Муцунски.

Тој додаде дека земјава предложила бугарски лекари специјалисти да дојдат во Македонија и да се уверат дека му се обезбедува соодветно медицинско лекување на обвинетото лице.

– Ние гледаме на ова како на гест на добра волја. Тоа не е наша обврска, но морам да зборувам многу отворено и директно. Поради недостигот на доверба што постои меѓу владите, мора однекаде да почнеме да градиме доверба. Затоа не можам да ја коментирам судската постапка. Како што реков, мора да дозволиме да функционира системот на владеење на правото, но немаме ништо против да им покажеме на медицинските претставници од Бугарија дека му е обезбедено соодветно медицинско лекување на обвинетото лице – рече Муцунски.

ИЗДВОЕНИ