– Во процесот на селекција трагав по претстави кои ги поттикнуваат детската интелигенција и фантазија. Театарот, сцената е местото каде што границите исчезнуваат, а различностите остануваат нашето најголемо богатство и токму затоа мото на фестивалот е: „Сите сме исти, и јас и ти“, рече селекторката на претставите за петтото издание на фестивалот „Игор Маџиров“, актерката Катарина Илиевска-Силјановска, посочувајќи дека програмата третира теми како различноста, војната во светот, надворешните и внатрешните борби во нас
Единаесет претстави од Македонија, Србија, Хрватска, Шпанија, Чешка, како и гости од Бугарија, Грција и Босна и Херцеговина ќе донесе годинашното 5. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што ќе се одржи од 13 до 17 октомври во Театарот за деца и младинци, Македонскиот народен театар и Драмскиот театар во Скопје, под слоганот „Сите сме исти, јас и ти“.
– Петтото издание на „Игор Маџиров“ е значаен момент за организаторот на фестивалот, Театарот за деца и младинци, и за континуитетот на оваа меѓународна манифестација. Фестивалот е можност нашата публика да види различни театарски претстави, а нашите уметници и соработници да разменат искуства со колегите од другите средини. Како домаќини е значајно да ја зачуваме врската помеѓу фестивалот и неговата најважна публика – децата и младите. Пораката „Сите сме исти, јас и ти“ ја гледаме како покана за блискост и разбирање, но и за потсетување дека културата треба да биде достапна и отворена, рече на денешната прес-конференција Фросина Карловицс, в.д. директорка на Театарот за деца и младинци.
Селекторка на претставите за петтото издание на фестивалот е актерката Катарина Илиевска-Силјановска.
– Како актерка која речиси над 20 години од својот работен век го поминала во Театарот за деца и младинци, знам дека детската и младинската публика не е за потценување. Затоа, во процесот на селекција трагав по претстави кои ги поттикнуваат нивната интелигенција и фантазија. Театарот, сцената е местото каде што границите исчезнуваат, а различностите остануваат нашето најголемо богатство и токму затоа мото на фестивалот е: „Сите сме исти, и јас и ти.“, рече Илиевска-Силјановска посочувајќи дека претставите во програмата третираат теми како различноста, војната во светот, надворешните и внатрешните борби во нас итн.
Додаде дека во време кога вниманието и интересите на младите се окупирани од социјални медиуми, сепак театарот е тука, можеби малку, да им го промени тој начин на размислување.

Фестивалот „Игор Маџиров“ се отвора на 13 октомври во 19:30 часот со драмско-куклена претстава „Која е Лорет“, на Театарот за деца и младинци. Претставата се изведува како дел од офф-програмата, како и сите останати претстави на ТДМ, кои бидејќи се продукции на домаќинот, нема да се натпреваруваат за наградите на фестивалот.
Наредниот ден, 14 октомври, од 11 часот, на големата сцена во МНТ ќе се изведе претставата „Пинокио“ од Народниот театар од Битола. Во 17 часот, истиот ден, на малата сцена во МНТ, пак, публиката ќе може да ја проследи куклената „Стара планина“ на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија, а од 19:30 часот, во ТДМ ќе се одигра претставата „Со Балон над Кападокија“ на Детскиот театар „Бранко Михаљевиќ“ од Осијек, Хрватска. На 15 октомври, во 11 часот, во ТДМ, најмладата публика ќе може да ужива во куклената „Слатки зборови“ на Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска, а на истата локација од 19:30 часот, ќе се изведе куклената „Лемба“ на театар од Малага, Шпанија. Четвртиот фестивалски ден ќе го означат три претстави, и тоа: куклената „Пилотот и Малиот принц“ на театар од Острава, Чешка (11 часот, во Драмски театар), драмската претстава „Чуварот на последното дрво“ на Театар за тебе од Скопје (13 часот, во ТДМ) и „куклената „Садако сака да живее“ на и во ТДМ во 19:30 часот. Последниот фестивалски ден започнува со куклената „Црвенкапа“ на Младинскиот театар од Нови Сад, Србија (11 часот, во ТДМ), а завршува, исто така со куклената претстава „Дрвјанковци“ на театарот „Пинклец“ од Чаковец, Хрватска (19:30 часот, во ТДМ), по што следува доделувањето на фестивалските награди.
Тричлено жири во состав: Ориол Фере, Един Климент и Мики Анчевски ќе одлучуваат за фестивалските награди: Гран при за најдобра претстава, како и награда за најдобра режија, за најдобра актерска изведба (машка и женска), за најдобра сценографија, костимографија, а има право да додели и специјална награда. На фестивалот веќе неколку години се доделува и награда за најдобра претстава од страна на детско жири.
На фестивалот доаѓаат и истакнати автори, режисери, актери, меѓу кои чешкиот режисер Јакуб Максимов на претставата „Пилотот и Малиот принц“, кој е познат и по тоа што ја постави во ТДМ сега наградуваната „Роња, ќерката на ограбувачот“, како и Тамара Кучиновиќ од Хрватска режисерка на „Садако сака да живее“. Во рамки програмата ќе се одржи и презентација на УНИМА, Асоцијацијата на куклените театри во светот, чии модератори се Петар Влајков од Бугарија и Един Кметаш од БиХ (14 октомври, 13 часот, во ТДМ), како и работилницата „Стилизирање на ликови и креирање куклена ткаенина“, која ќе ја води гостинката од Грција со шпанско потекло, Матилда Коралес (15 октомври, 13 часот, исто така, во ТДМ).
Од ТДМ посочија дека фестивалот повторно се одржува под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам, но со скромен износ од 600.000 денари. Од театарот уште еднаш упатија повик до надлежните институции, Театарот за деца и младинци да добие нова зграда, локација, каде што и сцената и бројот на седиштата ќе одговараат на репертоарот и ќе го задоволуваат интересот на бројната детска и младинска публика. (Н. И. Т.) Фото: Ѕ. Плавевски












