ИНФРАСТРУКТУРНОТО ПОВРЗУВАЊЕ – МОСТ ДО ЕУ
Коридорот 8 ги спои Македонија и Бугарија во заедничка европска приказна. Во Софија, министерот Тимчо Муцунски разговара со бугарската колешка, Петрова-Чамова, и со еврокомесарката Марта Кос, во момент кога повторно се отвора прашањето за европскиот пат на Македонија. Бугарија очекува од Скопје јасна волја за напредок, додека од Брисел стигнува порака дека билатералните прашања не треба да го кочат пристапниот процес. Пред средбата, Муцунски изјави дека патот на Македонија кон ЕУ треба да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата и со минатото, додека Петрова-Чамова истакна дека довербата се гради преку конкретни чекори и исполнување на преземените обврски
Во Софија, денеска се сретнаа македонската европска агенда и бугарските очекувања од Скопје. На маргините на конференцијата за Коридорот 8, шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, разговара со бугарската министерка за надворешни работи, Петрова-Чамова, како и со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Средбите се случуваат во чувствителен момент за политиката на проширување на ЕУ. Европската комисија предложи нов пристап со поголема употреба на квалификуваното мнозинство во одредени фази од пристапниот процес, додека заштитните механизми треба да обезбедат кандидатите да ги исполнат преземените обврски.
Во Софија, пак, повторно се отвори и билатералното прашање меѓу Македонија и Бугарија. Пред средбата, на заедничката прес-конференција, шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, изјави дека патот на Македонија кон ЕУ треба да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата и со минатото.
– Најголема желба на Македонија е нејзиниот пат кон Европската Унија и полноправното членство да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата или со минатото – рече Муцунски.
Тој додаде дека Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и според досегашното искуство и резултатите, се докажала како одличен кандидат за членство.
– Ние ќе го направиме нашиот дел. Ќе бидеме одговорни, ќе бидеме проактивни во изнаоѓањето решенија за прашањата, но решението никогаш не зависи исклучиво од нашата страна – рече Муцунски.
Бугарската министерка, пред разговорот, порача дека очекува да се разговара за евроинтеграциите на Македонија и да чуе дали од Скопје има желба за напредок во европската интеграција.
– Оваа средба беше побарана од нивна страна, а јас, секако, прифатив. Ќе ми биде драго да дознаам за темите за кои сакаат да разговараме. Претпоставувам дека тоа ќе биде европската интеграција. Во однос на тоа имаме многу јасен став. Се надевам дека од нивна страна ќе чујам желба за напредок – ја пренесе МИА изјавата на Петрова-Чамова.
Таа изјави дека ја гледа средбата како нормален дел од билатералниот дијалог меѓу двете земји и посочи дека очекува довербата да се гради преку конкретни чекори и исполнување на преземените обврски.
– Ја доживувам оваа средба како нормален дел од билатералниот дијалог меѓу две земји. Што се однесува до градењето доверба, сметам дека најдобар пристап за градење доверба е исполнувањето на преземените обврски – рече Петрова-Чамова.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, пак, рече дека за Европската комисија особено важни се градењето доверба и соработката во областите каде што е можно тоа. Според неа, токму таквата соработка може да ги отвори вратите за поширока соработка, а регионалната соработка и добрососедските односи се меѓу основите на Европската Унија.
– Многу е важно да се гради довербата. Ние сме на добар пат, а, исто така, сме на пат да соработуваме во областите каде што е можно тоа и, можеби, тоа може да ни ги отвори вратите за поширока соработка. Многу земји имаат заедничка историја. Добро е што го признаваме тоа, но да гледаме кон иднината и кон она што можеме заедно да го постигнеме – рече Кос.
Кос до бугарските европратеници: Едногласноста се злоупотребува
Оваа средба доаѓа и откако Европската комисија објави предлог за идното проширување, во кој, меѓу другото, се предлага квалификувано мнозинство за отворање на преговорите и постепена интеграција, но со заштитни клаузули што треба да обезбедат дека новите членки ќе го почитуваат тоа на што се обврзале во преговорите. На ваквиот предлог во Европскиот парламент реагираа бугарските европратеници, но остро им возврати еврокомесарката Марта Кос, која рече дека не е за укинување на едногласноста, туку против нејзина злоупотреба.
На предлогот за поголема употреба на квалификуваното мнозинство, бугарскиот европратеник Станислав Стојанов предупреди дека треба да се биде крајно внимателен со укинувањето на едногласноста. Тој ја посочи Македонија како пример, тврдејќи дека во земјите кандидатки има случаи на прекршување на човековите права и дека треба да бидат примени земјите во ЕУ дури откако целосно ќе бидат подготвени.
– Укинувањето на принципот на едногласност навистина е нешто кон што треба да бидеме исклучително внимателни. Тоа е многу моќна алатка, а вие речиси сакате да ја укинете. Постојат земји кандидати за членство, како Северна Македонија, каде што се нарушуваат човековите права. На пример, постои случај кога не ѝ била обезбедена медицинска грижа на една жена. Затоа треба да бидат примени земјите кандидати дури откако целосно ќе бидат подготвени и не треба да брзаме – рече Стојанов.
На тоа еврокомесарката Марта Кос му одговори дека не се предлага укинување на едногласноста, туку поефикасно користење на процесот, а билатералните прашања, порача таа, немаат место во пристапниот процес.
– Господине Стојанов, да, и јас сум многу за користење на едногласноста, сè додека таа не се злоупотребува. Не, не сакаме да ја укинеме. Предлагаме некои делови да бидат поефикасни, а за тоа ќе разговараат земјите членки. И се согласувам со вас дека билатералните прашања немаат ништо со пристапниот процес. Ги повикуваме сите земји членки и земјите кандидати да ги решаваат овие прашања билатерално – остро му одговори еврокомесарката.
Западен Балкан – дел од Европа
Пред почетокот на конференцијата за Коридорот 8 во Софија, Кос изјави дека нејзината визија е еден ден цел Западен Балкан да биде дел од Европа.
– Денеска сме тука да работиме за подобри врски за луѓето од утрешнината. Бугарија е порта кон Европа за регионот на Црното Море, како и за Турција, а Западен Балкан игра многу важна улога на поврзување – рече Кос.
Таа истакна дека се спроведуваат над 130 проекти во регионот, вклучително и за изградба на нови патишта и железници и за подобрување на граничните премини.
– Но, мојата визија како комесарка за проширување оди многу подалеку. Мојата визија е дека еден ден цел Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа – рече европската комесарка.
Според нејзините зборови, тогаш граничните премини и транспортните врски за кои се зборува денес повеќе нема да имаат исто значење, „затоа што ќе бидеме една Европа“.
– Една Европа што работи заедно – ова е визијата кон која работиме во Брисел, тука во Софија, на Западен Балкан и, секако, во земјите членки – додаде Кос.
Билатералната средба на Муцунски со Петрова-Чамова беше иницирана од македонска страна, по препораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која минатата недела, во текот на посетата на земјава, го советувала премиерот Мицкоски земјава да побара официјална средба од бугарските власти. (В. С. Н.)












