Американскиот претседател, Доналд Трамп, се огласи по повод ангажманот на своите политички оперативци Џејмс Блер и Крис Ласивити, кои, според „Њујорк тајмс“, биле во Република Српска (РС) и им давале советодавни услуги на властите на тој ентитет во БиХ и на партијата на Милорад Додик пред општите избори одржани во неделата.
– Крис Ласивити и Џејмс Блер се надворешни консултанти. Тие не работат за мене, освен како надворешни консултанти. Најверојатно имаат многу клиенти, но за тоа би требало да ги прашате нив – напиша Трамп на мрежата „Трут сошл“.
Тој, како што јавија сараевските медиуми, додал дека и на двајцата им е дозволено да работат за други, дека нема поим за кого друг работат, „но кога ќе размислам за тоа, ќе ги прашам и ако има судир (на интереси), веднаш ќе ги отпуштам“.
„Њујорк тајмс“ објави дека Џејмс Блер и Крис Ласивита ја посетиле Република Српска непосредно пред изборите во Босна и Херцеговина и ги советувале властите на ентитетот за изборни прашања. Нивното вклучување е само дел од многу поширока мрежа на врски меѓу властите на Република Српска и луѓето од политичкиот круг на Трамп. Според податоците анализирани од „Њујорк тајмс“ и „и-би-ес њуз, лобистите и политичките оперативци поврзани со Трамп добиле милиони долари за работа за властите на РС, додека во исто време во Босна и Херцеговина се подготвува голем гасен проект вреден околу 1,7 милијарди долари, во кој е вклучена американска компанија поврзана со нејзините сојузници. „Њујорк тајмс“ наведува дека Блер и Ласивита биле неколку дена во РС, а секој од нив за советувањето добил стотици илјади долари преку адвокатска фирма од Вашингтон.
Но, Блер и Ласивита не се единствените луѓе поврзани со Трамп што биле ангажирани од Република Српска. Според документите доставени до Министерството за правда на САД и анализирани од „Њујорк тајмс“, лобистите и политичките оперативци поврзани со Трамп и со републиканците добиле повеќе од четири милиони долари од властите на РС од почетокот на минатата година. Еден од нив е поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благојевиќ, чија фирма, според американските регистри за лобирање, добила 1,325 милиони долари од март минатата година.












