четврток, октомври 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СВЕДОК: НАБАВЕНИТЕ ВЛТ-АПАРАТИТЕ НИКОГАШ НЕ СЕ СТАВЕНИ ВО УПОТРЕБА

СВЕДОК: НАБАВЕНИТЕ ВЛТ-АПАРАТИТЕ НИКОГАШ НЕ СЕ СТАВЕНИ ВО УПОТРЕБА

0

ВЛТ-терминалите што ги набавила Државна лотарија, никогаш не биле ставени во употреба и денес се наоѓаат во магацините на друштвото, сведочеше Александар Андонов, директор на Секторот за спречување перење пари и финансирање тероризам во Лотарија. Вториот сведок на Обвинителството, кој работи во Лотарија од 2017 година, бил член на петчлената комисија што ја спроведувала набавката на ВЛТ-апаратите. Задачата на комисијата била да провери дали понудените терминали ги исполнуваат формалните и техничките услови што ги барала Лотарија. На прашање на обвинителот што се случило со апаратите, сведокот одговори дека не се користат тие и дека се чуваат во магацините. Тој потврди дека Лотарија доставувала барања до Управата за јавни приходи и до Министерството за финансии, но не можеше да каже за кои барања биле добиени позитивни, а за кои негативни мислења. Не знаеше ниту зошто не биле ставени ВЛТ-апаратите во употреба.

– Ние во Лотарија, доставивме барање да се користат покер- апаратите, а решенијата ги носат надлежните. Од тие причини, не знам зошто не се ставени овие ВЛТ во употреба – сведочеше Андонов.

На прашања од одбраната, тој рече дека не знае дали имало забелешки за електронскиот систем за јавни набавки, бидејќи не го прочитал записникот од контролата.

Во делот на прашањата на Артан Груби, сведокот не можеше да потврди кога и под чиј претседателски мандат Владата ги разгледувала материјалите поврзани со финансискиот план. Објасни дека Лотарија, преку владиниот систем, го доставува финансискиот план на разгледување, а во текот на годината се прават и негови измени. Сведочењето на Андонов продолжува во рамките на судскиот процес за предметот „Државна лотарија“, во кој се обвинети Артан Груби, Перпарим Бајрами и уште шест лица за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот предлог, со спорните дејства е предизвикана штета од околу 9,7 милиони евра. Сите обвинети се изјаснија дека не се виновни. (П. А.)

Притвор и куќен притвор на двете финансови во Лотарија за проневера на 1,3 милиони евра

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Обвинителството, им определи мерка притвор и куќен притвор на двете осомничени финансиски раководителки во АД Државна лотарија за „проневера во службата“. ОЈО ги сомничи дека не го уплатиле и не го депонирале целокупниот дневен промет за 2024 година, кој им бил доверен од продажните места, на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе и на тој начин присвоиле пари доверени во службата, во висина од 1,3 милиони евра. При претресите, полицијата во нивниот дом пронајде и заплени златен накит, луксузни чанти и гардероба.

 

 

ИЗДВОЕНИ