Изградбата на автопатот Прилеп – Битола се одвива со добра динамика, а првите 12 километри од вкупно 40 километри се очекува да бидат пуштени во употреба следната година. Ова го изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој говореше и за останатото поврзување на делницата од Фариш до Прилеп. Според Николоски, на автопатот се применува поинаков пристап во изградбата, со кој, како што посочи, треба да се обезбеди поголема стабилност на коловозот.
– Првпат во Македонија се работи автопат без земјена подлога, односно се поставува подлога од дробен камен, што значително ќе ја зголеми стабилноста на возењето. Истото ќе биде и на Кичево – Букојчани и на Скопје – Блаце“ – вели Николоски.
Тој најави дека првиот сегмент од автопатот треба да биде ставен во функција во текот на следната година.
– Првите 12 километри од вкупно 40 на автопатот Прилеп –Битола ќе бидат ставени во функција следната година – рече министерот.
Во однос на делот од Фариш до Прилеп, Николоски посочи дека остануваат околу 25 километри за кои допрва треба да се утврди начинот на реализација.
– Автопатот почнува некаде на 9 километри над Прилеп и ќе останат 25 километри кои не се решени. Тие 25 километри во моментов разговараме да изнајдеме решение да се градат како автопат или експресен пат – посочи Николоски.
Делницата Прилеп – Битола е дел од поширокото инфраструктурно поврзување на Пелагонискиот Регион со централниот дел од земјата. Во изминатиот период, во употреба беа пуштени и двете фази од експресниот пат Прилеп – Градско – делниците Градско – Дреново и Дреново – Фариш.












